ОПШТИНА КУМАНОВО АНГАЖИРА 17 ОБРАЗОВНИ АСИСТЕНТИ ЗА УЧЕНИЦИТЕ СО ПОПРЕЧЕНОСТ

    ОПШТИНА КУМАНОВО АНГАЖИРА 17 ОБРАЗОВНИ АСИСТЕНТИ ЗА УЧЕНИЦИТЕ СО ПОПРЕЧЕНОСТАсистентите имаат обврска во наредните 9 месеци по 20 часа неделно да им помагаат на учениците при посета на училиштата и во воспитно-образовниот процес; - Од врачувањето на решенијата на асистентите. (Фото: Општина Куманово)

    Општина Куманово ангажираше 17 образовни асистенти за помош и поддршка на ученици со попреченост во седум основни и средни училишта во градот. Асистентите имаат обврска во наредните 9 месеци по 20 часа неделно да им помагаат на учениците при посета на училиштата и во воспитно-образовниот процес.

    „Самиот проект има хуман карактер, бидејќи се работи за една од најчувствителните категории на нашите сограѓани – лицата со попреченост. Се работи за малолетни лица кои ќе добијат образовни асистенти, кои им асистираат при посета на училиштата и во воспитно-образовниот процес. Потребата од вакви асистенти е реална и многу голема не само во Куманово, туку и во државата. Имаме голем број наши сограѓани, кои се во тешка состојба и мора да им се помогне, поради што и државата и Општината мора да изнајдат начин да им го олесни животот, рече градоначалникот Максим Димитриевски кој ги врачи решенијата на асистентите.

    Асистентите се ангажирани на проектот „Моќта на децата”, од програмата за општинско-корисна работа која е составен дел од оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот донесен од страна на Владата. Целта е да се унапреди системот за обезбедување социјални и здравствени услуги на локално ниво, преку надополнување на постојните или воведување нови услуги. Програмата е финансирана од Агенцијата за вработување и Општина Куманово.

    Проектот вреди 1,2 милиони денари, од кои Општина Куманово обезбеди 700 илјади денари, а Агенцијата за вработување 500 илјади денари.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира