Зачестена аеросолизација и миење на улици во централно градско подрачје, како и засилени инспекциски и полициски контроли за откривање на фирми и несовесни граѓани кои вршат загадување на воздухот и животната средина, се дел од мерките кои ги донесе Општинскиот штаб за заштита и спасување на Општина Куманово на денешниот вонреден состанок, по зголемената загаденост на воздухот во текот на изминативе неколку денови.
„Се задолжува Сектор за инспекциски надзор да изврши контрола кај сите правни субјекти кои заради вршење на својата дејност користат горилници, дали имаат поставено соодветни филтри и доколку немаат, да им наложат да извршат прочистување на оџаците и поставување на заштитни филтри, во најкраток можен рок. Од СВР Куманово, се бара да врши засилени контроли на несовесни граѓани и други правни и физички лица кои ја загадуваат околината преку фрлање на отпад надвор од местата предвидени за одлагање на смет, кои палат стрништа и друг вид на отпад, засилена контрола на моторни возила – учесници во сообраќајот како и контролирање на издувните гасови на истите“, информираат од Општина Куманово.
Истовремено, Општинскиот штаб го задолжи Одделението за заштита на животната средина и природата, да ангажира лиценцирана фирма за анализа на квалитет на воздухот која ќе изврши мерења на повеќе локации во централно градско подрачје, а во координација со Министерство за животна средина и просторно планирање, да предложат дополнителни локации за поставување на нови мерни инструменти за мерење на квалитет на воздухот.
Од таму апелираат до граѓаните да ја намалат употребата на моторни возила, да се користи јавниот превоз, а за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал.
„Исклучиво да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци, печките на дрво да се користат и одржуваат според упатството на производителот, редовно чистење на оџаците“, – наведуваат од Општинскиот штаб.
Како еден од најголемите загадувачи во градот е лоцирана Општата болница, која се грее на мазут, па Општина Куманово побара од Министерството за здравство да ја гасифицира. Болницата има изготвено проект за гасификација уште пред две години и за негова реализација потребни се 200.000 евра, а институцијата нема начин да ги обезбеди сама, затоа очекува помош од централната и локалната власт.
С. НИКОЛИЌ