ОПШТИНА КУМАНОВО ЌЕ ДАВА ПО 150 ЕВРА ЗА ГАСИФИКАЦИЈА НА ДОМАЌИНСТВАТА

    ОПШТИНА КУМАНОВО ЌЕ ДАВА ПО 150 ЕВРА ЗА ГАСИФИКАЦИЈА НА ДОМАЌИНСТВАТАСтанарите на новите згради на булеварот Октомвриска револуција се грејат на гас, а најава за приклучок има и од уште неколку колективни стамбени згради, бидејќи е најекономично, велат од „Куманово-гас“ (Фото: СДК.МК)

    Општина Куманово ќе се справува со загадениот воздух и заштитата на животната средина со субвенционирање на домаќинствата што ќе користат гас.

    „Секој граѓанин којшто ќе одлучи својот дом да го приклучи на гацификација, таму каде што постојат технички услови,  ќе добие субвенции од Општината во висина од 150 евра. Сметката за приклучок ќе биде намалена во тој износ и Општината тие пари ќе ги трансферира на јавното претпријатие ‘Куманово-гас’“, рече градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски.

    Приклучокот на гас за физички лица во Куманово изнесува 800 евра, а со новата мерка ќе се намали на 650 евра.

    Општина Куманово пред 10 години со сопствени средства прва во државата започна со гасификација, но процесот одеше многу бавно без поддршка од државата. Досега се изградени 17 километри секундарна и терцијална гасоводна мрежа на која се приклучени 20 општински институции, училишта, градинки, градскиот базен и околу стотина домаќинства. Откако се смени централната власт има интерес за приклучување на гас од Болницата, Полицијата и подрачните единици на министерствата.

    Општина Куманово е една од најзагадените општини во државата, па локалната власт во буџетот за наредната година покрај субвенции за гасификацијата предвиде пари за набавка на возило за запрашување на улиците.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира