Бесплатниот јавен превоз во Куманово да продолжи до крајот на годината, одлучија советниците од мнозинството на вчерашната седница на Советот на Општина Куманово. Ова е трето продолжување на мерката за субевенциоинирање на превозот за оваа година, откако предходно истата беше продолжена во два наврати, а траеше и цела 2023.
За последните два месеца од општинскиот буџет на приватните превозници ќе им се исплати 11 милиони денари или 180 илјади евра, 10 милиони за превозот на територијата на Општина Куманово и 1 милион за меѓуопштинскиот превоз до Општина Старо Нагоричане. Вкупниот износ за целата година е 1,2 милиони евра. Општина Куманово за субвенционирање на градскиот превоз за 2 години потроши над 2,2 милиони евра.
„Потребата за продолжување на линискиот превоз се наметна поради тоа што граѓаните се задоволни од услугата. Тие масовно го користа превозот, и сѐ почесто бараат да се воведат нови линии и нови поаѓања, меѓутоа во моментот можеме да го продолжиме субвенционирањето само во овој обем, затоа што немаме дополнителни средства“, кажа раководителката на Секторот за комунали работи, која го изнесе предлогот пред советниците.
Наспроти мнозинството, советниците на коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, кое без поговор гласаше за предлогот на градоначалникот, советниците од опозицијата на СДСМ и ДУИ, кажаа дека нема да го поддржат во форматот кој им е понуден, бидејќи го сметаат за популистички и штетен за граѓаните. Тие побара мерката да се однесува само на одредена група на граѓани со персонализиран билет.
„Имаме многу поплаки од граѓаните поради тоа што се финансира линиски превоз кој не ја покрива целата територија на општина Куманово. Јавниот бесплатен превоз треба да е достапен за сите граѓани кои се даночни обврзници, што не случај, бидејќи градот нема соодветна инфраструктура. Мерката треба да се однесува за оние категории на граѓани кои не се во можност да ги покријат трошоците за превоз- студентите, пензионерите и социјалните случаи, а не да се користи во политички цели“, кажа Менду Асани, советник на ДУИ.
Тој смета дека бесплатниот превоз не ги даде очекуваните резултати како што е намалување на возилата и сообраќајниот хаос, загадувањето на воздухот, ниту пак потикна економски развој, туку беспотребно се потрошија 60 милиони денари на граѓаните за една година, наместо да се решаваат значајните инфраструктурни проекти.
Советникот Мале Андоновски од Партијата на пензионерите, кажа дека мерката се спроведува без анализа, без утврдена бројка на искористеност и резултати. Тој се сомнева дека со оваа мерка има можност за злоупотреба и купување на гласови и поддршка од локалната власт.
„Единствено мерливо од бројките кои ги имаме пред нас се дека Општина Куманово на сите превозници кои вршат линиски превоз на годишно ниво им плаќа за вкупно поминати 1.537.500 километри. Тоа е егзактно, врз основа на сите податоци кои се презентирани. Или 1 милион евра помножени со 61,5 денари среден курс на еврото, поделено со 40 денара од изминат километар и се добива бројката 1.537.500 километри . Но, истите тие превозници, истовремено вршат и превоз за ученици, кои исто им се плаќа од централниот буџет преку трансфер во локалната самоуправа. Сомнежот дека можеби постои народски кажано ујдурма, е толку силен, што мене лично не ми дава за право да го поддржам овој предлог“, кажа Андоновски.
Граѓаните се поделени околу оправданоста на бесплатниот превоз, додека едни ја поддржуваат и сметаат дека дава резултати, други сметаат дека е популистичка, која беше во функција на предходните парламентарни, но и за престојните локални избори.
Граѓаните кои го користат превозот се жалат дека нема доволно линии ни автобуси во клучните термини кога одат и се враќаат од работа, а превозот е дополнително оптоварен од непродуктивни возења на пензионери и граѓани кои се без работа. Поради тоа многу често вработените не можат да влезат во автобусот, па користат такси. Исто така имаат забелешки и на староста на возилата и квалитетот на услугата. Општината вети и дека ќе постави унифицирани автобуски постојки со ред на возење, но досега тоа не го релизира. Реакции има и поради тоа што јавен превоз има од понеделник до сабота, но не и во недела и деновите на празник, кога граѓаните се слободни и можат повеќе да го користат.
С. НИКОЛИЌ