ОПШТИНА ТЕТОВО ИМ ОДДАДЕ ПОЧИТ НА МЕДИЦИНСКИТЕ ЛИЦА И НА СИТЕ ОНИЕ КОИ ПОМАГАА ПРИ ПОЖАРОТ ВО МОДУЛАРНАТА БОЛНИЦА

    ОПШТИНА ТЕТОВО ИМ ОДДАДЕ ПОЧИТ НА МЕДИЦИНСКИТЕ ЛИЦА И НА СИТЕ ОНИЕ КОИ ПОМАГАА ПРИ ПОЖАРОТ ВО МОДУЛАРНАТА БОЛНИЦАМедицински персонал, пожарникари, полицијци и сите оние кои на некој начин учествуваа во спречувањето трагедијата со пожарот во модуларната ковид болница да добие поголеми размери во големата сала на Советот на Општина Тетово. (Фото: СДК.МК)

    Градоначалничката на Општина Тетово Теута Арифи денеска оствари средба со дел од медицинскиот персонал, пожарникарите, полицијата и сите оние кои на некој начин учествуваа во спречувањето трагедијата со пожарот во модуларната ковид болница да добие поголеми размери. Средбата се одржа во големата сала на Советот на Општина Тетово.

    „Овде сме за да ја искажеме нашата благодарност до сите институции и личности кои, во ноќта на 8 септември, која беше една од најтешките ноќи за Тетово, беа тука за да помагаат оваа трагедија да не добие поголеми размери. Тоа се противпожарната бригада, институциите на безбедноста и целиот медицински тим кој таа вечер бил на служба во болницата како и граѓаните кои исто така помагале во тие моменти“, изјави градоначалничката Арифи.

    Во името на медицинскиот персонал, кој таа кобна вечер беше на местото на настанот, зборуваше докторката Ефсерет Треси.

    „Во овие тешки моменти за нас, целиот медицински персонал од болницата праќа сочувство до сите граѓани на Тетово, посебно на семејствата на починатите. За нас во овие денови е многу тешко и нема простор за зборови, но наоѓаме сила, како што сме наоѓале и досега, да бидеме покрај нашите пациенти сè додека има потреба од тоа“, изјави д-р Треси.

    Во врска со текот на истрагата Арифи рече дека истрагата на местото на настанот е завршена, а исто така посочи дека безбедноста од пожар на другите објекти под надлежност на Општината како и на самата општинска зграда се задоволителни.

    „Моите информации се дека истрагите на лице место се завршени. Во овој момент се собира документација и изјави од сите очевидци на настанот за да се комплетира истрагата. Исто така тука е и дел од германскиот тим кој е специјализиран за реконструкција на вакви настани. Ние долго време работиме со противпожарната единица и се прават редовни противпожарни контроли на сите објекти. Тоа што го имаме и како сме опремени во моментот е сосем во ред според стандардите што ги следи нашата противпожарна бригада и Штабот за пожари и други катастрофи“, вели градоначалничката Теута Арифи.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира