Општина Тетово поднела кривичната пријава против поранешната градоначалничка Теута Арифи и нејзин близок функционер, како и против судија и адвокат, затоа што поради нивната неажурност сега Општина Тетово ќе треба да плати затезна камата од 65 милиони денари (над милион евра). Како што изјави градоначалникот Билал Касами на денешната прес конференција, се работи за спор околу експропријација на куќа направена уште во 1980 година, при што требало да се исплати надоместок во сегашна вредност од 40.000 евра, но тие пари не биле исплатени.
Случајот мирувал сé до 2015 година кога повторно е обновен и е даден на суд кој пресудил во полза на сопственикот на куќата, при што судот одлучил покрај парите за експропријацијата Општина Тетово да исплати и 65 милиони денари затезни камати за целиот изминат период од почетокот на спорот. И покрај ваквата пресуда, Општина Тетово не поднела жалба и одлуката на Судот станала полноважна.
„Се сомневаме дека претходното раководство намерно не го обжалило решението, за кое денеска Општина Тетово плаќа камата и со тоа не само што се оштетува буџетот на Општината, туку и на граѓаните. Затоа, ние како Општина, поднесовме кривична пријава против поранешната градоначалничка и нејзин близок функционер, против судија и адвокат, поради сомнение дека ги злоупотребиле службените овластувања и положби, со што е оштетен буџетот на Општина Тетово во износ од 65 милиони денари. За овој случај, од добивањето на мандатот само за камати плативме над 29 милиони денари или приближно половина милион евра“, изјави Касами.
Касами вели дека поранешното раководство на Општината не поднело жалба до судот по оваа одлука со цел да се направи евентуално пазарење со странката, а парите од затезната камата меѓусебно да се поделат.
„Поранешното раководство не реагирало навреме и не поднело никаков приговор или договор со странката за да не го оштетат буџетот на Општина Тетово, со единствена цел, да ги искористат евентуалните пазарења што можеле да се направат со странката. Бараме од Јавното обвинителство да истражи дали горенаведените лица биле соизвршители на кривичното дело Злоупотреба на службената должност од Законот за кривичните дела и косторители на кривичното дело – попречување на правото”, изјави Касами.
З. АНДОНОВ