ОПШТИНА ЦЕНТАР ГО ЗАТВОРИ ГРАДИЛИШТЕТО НА „БЕКО“

    ОПШТИНА ЦЕНТАР ГО ЗАТВОРИ ГРАДИЛИШТЕТО НА „БЕКО“Зградата на поранешно „Беко“ иако нема дозвола од Општината досега се градеше, доби дури и втора плоча. (Фото: К.Попов)

    Општина Центар го затвори градилиштето на зградата на поранешно „Беко“. Општината донесе решение за затворање на градилиштето и околу него постави ленти и знак ‘затворено од градежна инспекција‘.

    „Ние на инвеститорот пред три недели му издадовме решение за престанок со градба. Но, и покрај таквото решение во градилиштето постојано имаше работници. Со ова решение за забранува влез на објектот. Доколку биде прекршена оваа забрана инвеститорот и изведувачот ангажиран од него ќе добијат кривична пријава“, вели градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ.

    Зградата на поранешно „Беко“ иако нема дозвола од Општината досега се градеше. Откако беше урнат стариот објект бидејќи според инвеститорот била нарушена статиката, почна да се копа јама и да се ставаат носечки столбови во неа. Од Општина Центар тогаш за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавија дека на терен не се гради туку се заштитува просторот од подземни води. Но, пред еден месец објектот доби и втора плоча, по што конечно Општината донесе решение за затворање на градилиштето.

    Модната куќа „Беко“ е изградена 1972 година. Во 1998 ја преземаа Тајванците, а потоа беше продадена на локален бизнисмен.

    Авторката на проектот на старата стоковна куќа „Беко“ 90-годишната архитектка Мимоза Несторова-Томиќ, една од најреномираните автори и урбанисти во Македонија, во април за САКАМДАКАЖАМ.МК рече дека воопшто не се издржани објаснувањата на инвеститорот дека имале проблеми со статиката, па затоа морале да го урнат објектот.

    „Ја урнаа со изговор дека имало проблем со конструкција, тотално не се во право, оти 4 месеци не можеа да ја срушат. Можеше само пренамена да се направи.“, реагира Несторова-Томиќ.

    Колкава висина ќе добие инвеститорот на објектот ќе се знае откако ќе биде изработен новиот Детален урбанистички план за овој дел.

     А. АНТЕВСКА

     

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари