ОПШТИНА ЦЕНТАР НЕ МОЖЕ ДА ЈА НАПРАВИ КЛУПАТА СО СКУЛПТУРА НА ГОРАН СТЕФАНОВСКИ, ПА СЕМЕЈСТВОТО ЌЕ СОБИРА ДОНАЦИИ

    ОПШТИНА ЦЕНТАР НЕ МОЖЕ ДА ЈА НАПРАВИ КЛУПАТА СО СКУЛПТУРА НА ГОРАН СТЕФАНОВСКИ, ПА СЕМЕЈСТВОТО ЌЕ СОБИРА ДОНАЦИИИгор Стефановски, синот на бардот на македонската драма Горан Стефановски кој почина лани на 27 ноември, јавно побара да се донираат пари за изработка на спомен обележјето за неговиот татко кое треба да се лие во Лондон.(Фото: СДК.МК)

    Игор Стефановски, синот на големиот македонски драматург и еден од најзначајните личности во културата на земјава Горан Стефановски кој почина лани на 27 ноември, јавно побара да се донираат пари за изработка на скулптура од неговиот татко.

    „Ги замолувам сите оние кои би сакале да се оствари идејата за клупа со Горан Стефановски во Дебар Маало да донираат ако се во можност.  Сите по малку = многу, е муабетот. Ви благодарам“, напиша Игор Стефановски на својот фејсбук профил.

    „Тоа дрво е поставено во спомен на Горан Стефановски. Тоа дрво само што си го започна животот тука на ова место, насилно за жал го извадивме од својот дом и го донесовме тука, за Горан. Еден живот згасна, ама тука еве друг започнува. Предлагам да го викаме Горан, или Горанчо нагалено, додека да не порасне, па ајде да му кажеме: Здраво Горане. Добредојде дрво. Се надевам дека тука ќе ти биде убаво, дека ќе пуштиш длабок корен и дека ќе бидеш среќно“, рече синот на починатиот драматург Горан Стефановски, Игор и го гушна чинарот посаден во негова чест во паркот спорти Општина Центар на чествувањето на 27 април. (Фото: К. Попов)

    По смртта на Стефановски, Општина Центар најави дека во неговата чест ќе направи спомен обележје кое ќе биде поставено во неговото омилено Дебар Маало во Скопје. И претседателката на Советот на Општина Центар Јана Белчева на 27 април годинава, кога со садење дрво во паркот пред општинските бараки беше одблежан неговиот роденден, најави дека покрај дрвото ќе биде поставена метална клупа, во човечка големина ќе биде излиена неговата фигура како седи на клупата и на неа ќе има место за секој што сака да седне.

    Но, ваквите најави на Општина Центар не се остварија, па сега синот Игор бара помош да се плати клупата и скулптурата.

    Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека тие му понудиле на семејството да направат ваква скулптура, но тоа инсистирало таа да се лие во Лондон.

    „Скулптурата чини околу 100.000 евра. Без тендер ние не можеме од буџетот да одвоиме толку пари. Му понудивме на семејството да распишеме тендер, но тие инсистираа таа да се изработи во Лондон. Но, ние како Општина и јас како градоначалник сакаме да помогнеме и затоа во месец август планираме да направиме донаторска акција во која ќе ги повикаме сите граѓани, политичари, бизнисмени и компании да донираат средства за да се плати скулптурата. Очекуваме да бидат собрани значителни средства“, вели Богдановиќ.

    Скулптурата од Горан Стефановски седнат на клупа веќе се изработува во Лондон. Неговиот син Игор на својот пост на Фејсбук објави и линк на кој може да се видат фотографии од процесот на изработка на спомен обележјето.

    „Бронзена скулптура е нарачана да се направи за да се постави покрај дрвото засадено во негова чест во Дебар Маало. Се состои од клупа, статуа од Горан седнат на клупата и простор за некој да седне до него и да ужива во неговото друштво“, стои на страната каде што покрај фотографии од процесот на изработка на обележјето, наведена е биографијата на Стефановски и линк за донирање средства.

    Горан Стефановски, бардот на македонската драма, почина на 66 години по кусо боледување во Кентербери, Англија, каде што живееше.  Академик Стефановски е автор на легендарните и популарни драми „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-Фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Црна дупка“, „Демонот од Дебар Маало“ и на најславната ТВ-серија во историјата на македонската продукција „Бушава азбука“, со која генерации деца научија да пишуваат и читаат. Неговата соработка со режисерот Слободан Унковски, од 1980-те па со децении натаму, создаде претстави кои беа во врвот на театарската уметност во регионот.

    Роден во Битола на 27 април 1952, во театарско семејство, дипломец е на англиски јазик и книжевност на Филолошки факултет во Скопје, а магистрирал драматургија на театарската академија на Универзитетот во Белград.  Од 1986 беше професор по драматургија на Факултетот за драмска уметност во Скопје. Член е на Македонскиот ПЕН центар. Член на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) од 1979, а од 2004 е и член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).  Добитник е на наградите „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Стериина награда“, „Војдан Чернодрински“.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира