ОПШТИНА ВАЛАНДОВО ГО ДИСКРЕДИТИРА ДОПИСНИКОТ НА СДК.МК ИАКО САМАТА АПЛИЦИРАЛА НА ПОГРЕШЕН КОНКУРС ЗА ФОЛК ФЕСТ

    ОПШТИНА ВАЛАНДОВО ГО ДИСКРЕДИТИРА ДОПИСНИКОТ НА СДК.МК ИАКО САМАТА АПЛИЦИРАЛА НА ПОГРЕШЕН КОНКУРС ЗА ФОЛК ФЕСТво текстот за темата е цитиран лично градоначалникот Перо Костадинов. (Фото: Принтскрин од текстот во СДК.МК)

    Редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК најостро ја oсудува дискредитацијата што Општина Валандово ја изврши врз нашиот дописник Ване Трајков, за неговиот текст „Фолк Фест Валандово не доби пари од Министерството за култура оти Општината аплицирала на погрешен конкурс”.

    Во објавата на официјалната фејсбук страница на Општина Валандово неточно се тврди дека „Поради објавувањето на оваа вест од страна на наведениот новинар, без притоа да се побара одговор и од Општина Валандово, како што е побарано од Министерството за култура, сметаме дека истата е непрофесионална и тенденциозна“.

    Напротив, во текстот за темата е цитиран лично градоначалникот Перо Костадинов, кој официјално потврдува дека е одбиена нивната апликација за финансиска поддршка за Фолк фест Валандово на годишните конкурси за финансирање на Министерството за култура и вели дека ќе поднесат жалба на објавените резулати.

    Во текстот се цитира и официјалната изјава на Министерството за култура: „Со жалење можеме да констатираме дека е точно оти поради занемарување на Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес од областа на фолклорот за 2022, Општина Валандово конкурирала на Годишниот конкурс за музика и музичко-сценска дејност. Затоа, стручната комисија која одлучувала за пријавата за Фолк-фест Валандово го одбила проектот, бидејќи тој по својата содржина и суштина припаѓа на фолклорната дејност“.

    Сметаме дека ваквата непримерена реакција на Општина Валандово е дрзок обид да се замолчи нашиот дописник и е сериозен удар врз слободата на информирање.

    И Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ја осуди јавната пресметка од Општина Валандово со новинарите.

    „ЗНМ алармира дека ваквата јавна комуникација може да се толкува како обид за цензура. Потсетуваме дека новинарите имаат легитимно право да се интересираат за работата на Oпштините посебно во делот на алокација на јавни средства. ЗНМ, како и регионалниот центар на ЗНМ во Струмица апелира дека доколку Општината Валандово имале незадоволство од начинот на известување на било кој новинар или медиум, постојат на располагање саморегулативни механизми како претставка до Совет на Честа при ЗНМ или до Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ)“, вели ЗНМ во реакцијата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира