ФОЛК ФЕСТ ВАЛАНДОВО НЕ ДОБИ ПАРИ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА ОТИ ОПШТИНАТА АПЛИЦИРАЛА НА ПОГРЕШЕН КОНКУРС

    ФОЛК ФЕСТ ВАЛАНДОВО НЕ ДОБИ ПАРИ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА ОТИ ОПШТИНАТА АПЛИЦИРАЛА НА ПОГРЕШЕН КОНКУРСФолк фест Валандово годинава ќе слави 35 години. (Фото: СДК.МК)

    Реномираниот фестивал Фолк фест Валандово годинава нема да добие пари од годишните програми на Министерството за култура. Во објавените резултати од годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес го нема овој фестивал со 35-годишна традиција, кој ја негува македонската новокомпонирана народна песна и е ризиница на овој жанр.

    Од Министерството за култура велат дека овој фестивал го нема во проектите што ќе добијат пари за оваа година, од причина што организаторите место во областа Фолклорна дејност конкурирале во областа Музичко-сценска дејност.

    „Со жалење можеме да констатираме дека е точно оти поради занемарување на Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес од областа на фолклорот за 2022, Општина Валандово конкурирала на Годишниот конкурс за музика и музичко-сценска дејност. Затоа, стручната комисија која одлучувала за пријавата за Фолк-фест Валандово го одбила проектот, бидејќи тој по својата содржина и суштина припаѓа на фолклорната дејност“, соопшти Министерството за култура кое вели дека организаторите може да се жалат во рок од 15 дена по добивањето на решението.

    Во објавените програми има низа други фестивали кои ќе добијат пари од државата.

    Од Општина Валандово потврдија дека нивната апликација за финансиска поддршка за Фолк фест на годишните конкурси за финансирање на Министерството за култура била одбиена. Градоначалникот Перо Костадинов ни кажа дека ќе поднесат жалба на објавените резулати. Паралелно, се надеваат дека ќе добијат пари за фестивалот, бидејќи го имале планирано и во апликацијата Валандово град на културата за 2022 година, за што веќе конкурирале.

    „Независно дали ќе добиеме или не пари, фестивалот ќе го реализираме со сопствени средства. Тој годинава одбележува 35 години постоење и ние како локална самоуправа имаме предвидено пари во Буџетот за оваа година. Се надеваме дека годинава Валандово ќе биде град на културата, каде како проект фестивалот е вметнат во годишната програма. Фестивалот планираме да се одржи во месец мај, а во моментов тече конкурсот за песни од домашни и странски автори“, вели Костдинов.

    Фолк фест Валандово поради ковид пандемијата изминативе две години не се одржуваше. За изданието во 2019, Министерството за култура одобри милион денари (околу 16.000 евра).

    В. ТРАЈКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира