ОПШТИНА ВЕЛЕС ЌЕ СЕ ЗАДОЛЖИ КАЈ СВЕТСКА БАНКА ЗА ИЗГРАДБА НА НОВ ПОКРИЕН ПАЗАР

    ОПШТИНА ВЕЛЕС ЌЕ СЕ ЗАДОЛЖИ КАЈ СВЕТСКА БАНКА ЗА ИЗГРАДБА НА НОВ ПОКРИЕН ПАЗАРГрадоначалникот Коцевски најави дека изградбата на пазарот ќе почне во февруари 2021 (Фото: СДК.МК)

    Советот на Општина Велес донесе нацрт одлука за барање заем од Светска банка во висина од 46 милиони денари (750.000 евра), што ќе бидат искористени за изградба на нов покриен пазар. Со ова е отпочната постапката за долгорочно задолжување, која ќе продолжи со јавна расправа за добивање мислења и предлози од страна на јавноста.

    „Рок на отплата на заемот е до 12 години, со грејс период од три години, а дел од него е грант во висина од 25 отсто. Каматната стапка е еднаква на каматата што Македонија ја плаќа кон Светска банка. Општина Велес е целосно финансиски консолидирана и според истражувањата, има фискален капацитет за задолжување од 900.000 до еден милион евра. Редовно ги отплатуваме ратите од претходниот кредит, со кој е реконструирано уличното осветлување и е донесена вода на езеро Младост. Средствата од продажбата на дуќаните во покриениот Градски пазар ќе ги користиме за други капитални инвестиции. Сметам дека проектот ќе го врати животот на левиот брег на Велес“, кажа градоначалникот Аце Коцевски.

    Коцевски најави дека изградбата ќе почне во февруари 2021, веднаш по завршувањето на тендерската постапка за избор на фирма-изведувач, а градежната дозвола веќе била издадена. Градежната парцела има 4.172 квадратни метри, од кои 2.219 се наменети за продажба на производи. Новиот покриен пазар опфаќа дуќани, дел под отворена настрешница, паркинг, санитарии и магацински простор. Во првата фаза ќе се гради долниот дел од пазарот за да се овозможи негово непречено функционирање во текот на изградбата. Во втората ќе се продолжи со изградба на горниот дел од пазарот.

    Владата пред една година издвои 40 милиони денари за оваа цел, додека 15 милиони денари, со кои ќе се заокружи финансиската конструкција, треба да се обезбедат преку Бирото за регионален развој со помош на Вардарски плански регион. Конечно одобрување на заемот дава министерот за финансии.

    Во мај 2011, Општина Велес се задолжи кај Светска бака со кредит од 42 милиони денари, со рок на исплата до 2022.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира