Општина Велес набави инвертер клими за општинските основни училишта. Набавени се вкупно 91 инвертери за училиштата „Свети Кирил и Методиј“, „Васил Главинов“, „Блаже Конески“, „Стојан Бурчевски Буридан“ од Иванковци, „Панко Брашнаров“ и во основното музичко училиште „Стефан Гајдов“.
„Со оваа инвестиција значително ќе се подобрат условите за одвивање на наставата во сите годишни времиња“, кажа градоначалникот Марко Колев.
Наредните денови клима-уредите ќе бидат монтирани во училиштата, според бројот на училници. Во основните и во средните училишта, има инсталирано фотоволтаици.
Локалната власт за првпат годинава ги награди учениците и нивните ментори од основно и средно образование од Општина Велес, кои добиле награда на државен или меѓународен натпревар во учебната 2023/24 година. Парична награда добија 106 ученици и 58 ментори, од нив 76 ученици и 40 ментори беа од основните училишта и за 30 ученици и 18 ментори од средните училишта. Меѓу наградените беа и учениците од основното музичко училиште од Велес.
Учениците во зависност од пласманот добија по 5.000, 4.000 или 3.000 денари за прво, второ и трето место, исто толку и менторот. Ако ученикот имал повеќе пласмани меѓу првите три, добива една награда и тоа за најдоброто, највисокото освоено место.
П. ПЕЧКОВ