ОПШТИНА ВЕЛЕС ПЛАЌА ПО ИЛЈАДА ЕВРА ОБЕШТЕТУВАЊЕ ЗА КАСНАТИТЕ ОД КУЧИЊА СКИТНИЦИ

    ОПШТИНА ВЕЛЕС ПЛАЌА ПО ИЛЈАДА ЕВРА ОБЕШТЕТУВАЊЕ ЗА КАСНАТИТЕ ОД КУЧИЊА СКИТНИЦИНа Велес му недостига стационар, каде ќе можат да бидат прифатени кучињата скитници,чија бројка расте иако постојните се стерилизираат, вакцинираат и кастрираат (Фото: СДК.МК)

    Велес нема стационар за кучиња скитници, што ги има секојдневно во центрот на градот и по останати делови. Жителите сведочат дека кучињата се посебно агресивни рано наутро и доцна навечер. Каснувањето од кучињата скитници дава можност граѓаните да ја тужат локалната власт и за тоа да добијат обештетување и тоа по илјада евра за случај.

    „Работам во центар, кај споменикот кај коњот. Наутро кога доаѓам е многу страшна  глетка. Глутница кучиња, можеби десетина. А сите се заедно и каде оди едното таму и другите. Лаат и доаѓаат до нас, се борат меѓу себе, крварат.  Опасно е. Немам  видено дека некое каснало човек, но верувајте страшно е, се плашам и јас и другите сограѓани. Мора Општината да преземе нешто, безбедноста на луѓето е пред сѐ“, вели Стојна Арсова, вработена како продавачка.

    Слична реакција има и од други делови на Велес. А дека има каснувања од кучињата, потврдуваат од Велешката болница, но не можат да кажат точна бројка.

    „Континуирано имаме пациенти кои доаѓаат бидејќи се каснати од куче скитник. Зборувам за кучиња, кои немаат обележје, маркица и не е познато дали тие се вакцинирани. Поради ова мораме да ги заштитиме граѓаните и да примат инјекција“, вели примариус д-р Славица Трајкова  од  Инфективното одделение при ЈЗУ Општа Болница Велес.

    Општина Велес е свесна за проблемот со кучињата скитници и  објаснува дека  активно работи за наоѓање  решение прифатливо за сите.

    „Досега за овој сегмент беше задолжена Ветеринарната станица. Тие вршеа заловување на кучињата, нивно третирање и повторно враќање во средината од каде биле заловени. Општина Велес ја следи состојбата. Се разменуваат искуства со останатите локални самоуправи и со надлежни институции во обид да се најде поповолно решение. Во секој случај, нема да дозволиме ситуацијата која ја имаме во градот да се влошува, напротив очекуваме брзо да се разреши“, изјавија од локалната власт.

    На градот му недостига стационар, каде ќе  можат да бидат прифатени кучињата скитници. Иако постојните се  стерилизираат, вакцинираат, кастрираат, бројката не се намалува.  На решавање  овој проблем работат и членовите на здружението за заштита на животните „Гласот на животните“, група од 30 млади луѓе што успеа да изгради стационар каде чуваат бездомни животни.

    „Имаме згрижено 150 кучиња и  50 мачки бездомни животни. Но за жал, немаме можност за повеќе, оти некои наши неодговорни сограѓани чуваат домашен миленик и по некое време го оставаат на улица. Така се  регрутираат овие животни кои ги гледаме по градот.  Мора да се застане на пат на оваа лоша навика домашните миленичиња да завршуваат на улица. Човекот е единствен  причинител за ситуацијата со бездомни кучиња“, велат од здружението.

    Остана забележана изјавата за овој проблем на еден од кандидатите за градоначалник на Велес, дадена во кампањата за изминативе локални избори. Земјоделскиот инженер Гоце Чушков, посведочи дека тој има видено како кучиња се истовараат во Велес а со комбиња од други градови од Македонија.  Но, засега нема институционална истрага за тоа.

    П. ПЕЧКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира