ОПШТИНА ВЕЛЕС ПРЕКУ ОСИГУРИТЕЛНА КОМПАНИЈА ЌЕ ГИ РЕШАВА СЛУЧАИТЕ НА КАСНУВАЊЕ ОД КУЧЕ

    ОПШТИНА ВЕЛЕС ПРЕКУ ОСИГУРИТЕЛНА КОМПАНИЈА ЌЕ ГИ РЕШАВА СЛУЧАИТЕ НА КАСНУВАЊЕ ОД КУЧЕГраѓанинот сега ќе треба да докажува каде и кога бил каснат (Фото: СДК.МК)

    За да го спречи големиот одлив на средства за обесштетување на граѓаните поради каснување од куче, Општина Велес одлучи целата постапка да оди преку осигурителна компанија, за што склучи договор со „Винер“.

    „Сите штетни настани, конкретно каснување од улично куче, по 9 април ги пријавуваме во осигурителната компанија за натамошно постапување. Има граѓани кои прават пари од каснувањата од куче. За да ги спасиме средствата од општинскиот буџет, преку јавна набавка обезбедивме осигурителна компанија, која ќе покрива 90 отсто од трошоците, а ние 10 отсто. Голем дел од каснувањата се лажирани, тоа се милионски суми“, кажа градоначалникот Марко Колев.

    Граѓанинот сега ќе треба да докажува каде и кога бил каснат, откако досега беше по пријава во СВР Велес.

    „Се сомневаме дека некои случаи на каснување се лажирани, но тоа треба да се докаже. Невозможна е ваква бројка на каснати. Но, ако докторот даде документ, целата работа е завршена“, вели Александар Костев, командир на ПС Велес.

    Според пристигнати и исплатени предмети заклучно со 31 мај, за каснувањата до 9 април од буџетот биле исплатени 2.187.466 денари отштета и 687.449 денари за адвокати, вкупно 2.874.915 денари.

    Во 2021, по овој основ биле исплатени дури 4.678.110 денари.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира