Локалната власт на Велес го огласило за ништавно претходно издаденото одобрение за градба на куќа во месноста Варналиите. Ова доаѓа по реакциите на жителите од делот на Велес кој е старо градско јадро. Таму се наоѓаат пет куќи кои се заштитени како културно наследство. Просторот околу куќите е една од знаменитостите на градот, а тука се наоѓа и еден од десетте заштитени јавори како природна реткост.
„Пред половина година започна да се гради куќа на плоштадот. Сите бевме изненадени, оти тука се наоѓаат куќите на Варналиите, а објектот се гради под јаворот кој е исто така заштитен и не смее да се сече. Реагиравме до локалните власти, бидејќи не се почитувани нормативите“, велат соседите.
По согледувања на состојбата, надлежните од Општина Велес прво ја стопираа изградбата, па донеле решение дека таму не може да се гради објект. Градоначалникот Коцевски објаснува дека грешката не е нивна.
„Направена е грешка од страна на Геодетската управа. Земена е погрешна геодетска подлога, која не одговара на реалноста и ако објектот се изгради таму каде што е, треба да се сече од јаворот. Тој е заштитен со закон и затоа одлучивме да го повлечеме одобрението за градење, ризикувајќи да бидеме тужени од страна на инвеститорот. Грешката не е по наша вина, но застанав на страна на граѓаните“, изјави Коцевски.
Инвеститорот веќе ја почнал постапката на тужба на одлуката на Општина Велес.
П. ПЕЧКОВ