Известувањето од СВР Велес, дека од денеска започнува со казнување за непрописно паркираните автомобили на локацијата под Основен суд Велес, предизвика бројни реакции дека тоа не е паркинг туку постојка за автобуси. Од локалната власт ни потврдија дека досега не е извршена пренамена на просторот.
„Општина Велес нема донесено/изгласано одлука за пренамена на автобуската постојка на улица Гоце Делчев, од левата страна, во паркинг за потребите на Основен суд Велес“, се вели во писмениот одговор од Општина Велес.
Не добивме одговор од СВР Велес врз основа на која одлука-решение бараат просторот да се користи за паркинг само за возила од Основен суд Велес.
„Постојката лоцирана на левата страна на улицата Гоце Делчев под Основен суд Велес е исклучиво наменета за паркирање и запирање на службени возила на Основниот Суд Велес. Поради континуирано непочитување на поставениот сообраќаен знак и користење на истата за паркинг простор на патнички автомобили на граѓани, СВР Велес ќе започне со преземање на репресивна мерка, најпрво со опомена кон несовесните возачи, а потоа и со изрекување на прекршочна мерка ‘погрешно паркирање’ во износ од 45 евра во денарска вредност. Затоа, упатуваме апел до граѓаните да го почитуваат сообраќајниот знак и да бидеме сите совесни учесници во сообраќајот“, се вели во известувањето што вчера го објави СВР Велес.
Соседите од улицата велат дека овој простор бил постојка за градски и меѓуградски превоз кога улицата Гоце Делчев била двонасочна. Според Деталниот урбанистички план (ДУП), овој простор уште е постојка за автобуси. Од сообраќајната полиција единствено се бара согласност за решението дали е во согласност со сообраќајните прописи и таа дава позитивно или негативно мислење. Останува спорно како е поставен сообраќаен знак забрането паркирање, освен за возила на Основен суд, кога тоа не е нивен паркинг.
П. ПЕЧКОВ