ОПШТИНИТЕ ЌЕ ГИ ПОКРИЈАТ ТРОШОЦИТЕ НА ВАКЦИНАЛНИТЕ ПУНКТОВИ НИЗ ЗЕМЈАВА, НО ЌЕ СЕ БАРААТ ПАРИ И ОД ДРЖАВАТА

    ОПШТИНИТЕ ЌЕ ГИ ПОКРИЈАТ ТРОШОЦИТЕ НА ВАКЦИНАЛНИТЕ ПУНКТОВИ НИЗ ЗЕМЈАВА, НО ЌЕ СЕ БАРААТ ПАРИ И ОД ДРЖАВАТАСпортските сали се дадени на користење на здравствените домови кои се во координација со локалната самоуправа. - Вакциналниот пункт во Тетово. (Фото: СДК.МК)

    Спортските сали низ земјава имаат зголемени трошоци за околу 30 отсто откако почнаа да се користат како регионални пунктови за вакцинација против ковид-19. Трошоците за струја, вода, дезинфекција, некои од спортските сали ги покриваат со помош на Општините, некои со блок дотации, некои допрва ќе се снаоѓаат.

    Масовната вакцинација во градовите низ земјава се одвива во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.

    „Со одлука на Владата, спортските сали се дадени на користење на здравствените домови кои се во координација со локалната самоуправа“, ни рекоа од кабинетот на министерот за здравство Венко Филипче.

    Регионалниот вакцинален пункт во Тетово, кој ги опфаќа и општините од Тетовскиот, општините од Гостиварскиот Регион и Општина Маврово-Ростуше, е сместен во спортската сала на Средното медицинско училиште „Никола Шејн“ во Тетово. Трошоците кои беа направени за изминативе два месеци работење, а кои се однесуваат за потрошена електрична енергија, вода, одржување и слично засега не се подмирени, а кој ќе ги плати настанатите сметки засега е неизвесно.

    Вакцинирањето во Тетово почна на 2 мај. (Фото: СДК.МК)

    „Објектот, спортската сала каде сега е вакциналниот пунк е сопственост на училиштето. За редовната работа на училиштето трошоците ги покриваме заедно, дел Општината, а дел училиштето, но за настанатите зголемени трошоци кои настанаа со работата на вакциналниот пункт, ќе мора да бараме дополнителни средства од надлежното министерство. Засега, од нив немаме добиени никакви дополнителни средства за покривање на овие трошоци. Сѐ што моментално се работи на вакциналниот пункт се става на трошок на Општина Тетово. Поради ова, во наредниот преиод ќе мора да побараме и Советот на Општина Тетово да ни одобри повеќе средства за зголемените трошоци за електрична енергија, одржување хигиена, потрошувачка на вода и слично, кои настанаа во овој период. Но, дали ќе се одобрат овие дополнителни средства, тоа не знам, бидејќи за тоа треба да одлучат советниците. Сепак, во овој момент за нас е најважно овој вакцинален пункт беспрекорно да функционира и вакцинацијата да се одвива непречено, а за трошоците дополнително ќе се договориме“, изјави Ахмет Ќазими, раководител на Секторот за јавни дејност при Општина Тетово.

    Вакцинирањето на овој регионален пункт започна на 2 мај оваа година.

    Во вакциналниот пункт во Кавадарци, според директорот на салата „Јасмин“, тие сами ги сносат трошоците за потрошената електрична енергија.

    Во Велес, каде вакцинацијата се врши во спортската сала на средното училиште „Коле Неделковски“, струјата се плаќа од блок дотациите кои ги добиват од Министерството за образование и наука (МОН), без оглед што има зголемена потрошувачка, поради осветлување, користење на фрижидери.

    Вакцинацијата во Велес се врши во спортската сала на средното училиште „Коле Неделковски“. (Фото: СДК.МК)

    Во Охрид, трошоците се на товар на Јавното претпријатие „Билјанини извори“. Тука спаѓаат зголемени трошоци за струја, вода, средства за дезинфекција, дополнителен ангажман за чуварска служба. Немаат помош ниту од државата ниту од Општината. Зголемувањето на трошоците, откако започна вакцинацијата, е некаде за 30 отсто. Само за дополнителни саати на вработените или нови ангажмани месечно трошоците се 150.000 денари.

    Вакциналниот пункт во Струмица почна да работи на средината од месец мај.

    „Не е прецизирано кој ќе ги надомести трошоците за електрична енергија и вода во спортската сала каде се врши вакцинација за граѓаните од Струмичко. Сметките се значително зголемени и вие сте први што ме прашувате. Токму за овој проблем ќе инсистирам на средба со градоначалникот на Струмица, за да најдеме начин како да ги подмириме овие трошоци“, ни изјави Боро Иванов, директор на ООУ „Никола Вапцаров“ во Струмица.

    Општината ги обезбеди сите предуслови околу адаптација на спортската сала, а од неодамна инсталираше и вентилатори. Градоначалникот Коста Јаневски вели тие презеле обврска за техничките предуслови за работата на вакциналниот пункт, додека преставници од Здравствениот дом и Општата болница го реализираат целиот процес.

    „Мислам дека нема да претставува проблем покривањето на овие новонастанати трошоци од сметката на Општината, бидејќи работата на овој пункт е од интерес на сите граѓани во струмичко и јавното здравје“, ни изјави градоначалникот Јаневски.

     

    Во Штипскиот вакцинален пункт за два месеца се искористени над 50.000 вакцини. (Фото: СДК.МК)

    Штипскиот регионален пункт за вакцинација на граѓаните од Источна Македонија и Струмичкиот Регион се отвори на 4 мај оваа во спортската сала „Јордан Мијалков“,  која работи во состав на Универзитетот „Гоце Делчев “ во Штип. Овде, за два месеца се искористени над 50.000 вакцини, прва и втора доза, најмногу од вакцината на „Синофарм“.

    „Имунизацијата на населението ја сметаме како наша обврска и заедничка цел од глобален и конкретен аспект кај нас да се справиме со новата пандемија. Спортската сала ‘Јордан Мијалков’ ја дадовме да се преадаптира во вакцинален пункт без ниту еден приговор, дури локацијата за вакцинирање во Штип беше предлог како најадекватен за една масовна имунизација. Со оглед на тоа што е општо добро, ние воопшто не размислуваме за било какви надоместоци што салата ги има како трошоци по кој било основ, струја или слично. Сите сме ние една држава и сите од хуман аспект треба да работиме во интерес на граѓаните. Како практична настава, Универзитетот дури организира волонтирање на студентите по медицина кои секојдневно помагаат во вакциналниот пункт“, вели ректорот на УГД „ Гоце Делчев“ проф. д-р Блажо Боев.

    Имунизацијата во Битола се одвива во салата на Медицинското училиште „Д-р Јован Калаузи“.

    „Сите режиски трошоци во спортската сала на Медицинското училиште во Битола каде се одвива вакцинацијата ги плаќа Општина Битола. Исто така, при отворањето на вакциналниот пункт, заедно со одредени помагатели, Општината помогна за опремување за ставање во функција на салата како вакцинален пункт“, ни рекоа од Општина Битола.

    Од Средното општинско училиште „Перо Наков“ во Куманово, чија сала се користи за масовна имунизација во Североисточниот Регион, велат дека и тие добиле повисока сметка за електирична енергија во однос на предходните месеци. Вкупниот износ е околу 18 илјди денари, но се однесува за сите броила на електрична енергија, бидејќи тие имаат две згради и два спортски сали каде настава се изведува на македонски и албански јазик.

    Директорката Мила Жибак, вели дека уште немаат насоки од Општината или Министерството за здравство кој ќе ја плати сметаката, дали самите или ќе добијат помош од Министертвото.

    Според последните податоци од Министерството за здравство, вакцинирани се вкупно 390.623 лица, а пријавени се 492.662 граѓани.

    Со последните бројки, 53 % од пријавеното население над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 50 % од пријавеното население над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 45 % од пријавеното население над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

    ПОДГОТВИ: ДОПИСНА МРЕЖА НА САКАМДАКАЖАМ.МК


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира