ОПШТИНИТЕ САРАЈ, ЧАИР И ШУТО ОРИЗАРИ НЕ САКААТ ДА ДАДАТ ПАРИ НА „ЛАЈКА“ ЗА ЗАЛОВУВАЊЕ УЛИЧНИ КУЧИЊА

    ОПШТИНИТЕ САРАЈ, ЧАИР И ШУТО ОРИЗАРИ НЕ САКААТ ДА ДАДАТ ПАРИ НА „ЛАЈКА“ ЗА ЗАЛОВУВАЊЕ УЛИЧНИ КУЧИЊАСпоред одлуката на Град Скопје секоја општина треба годишно да дава на „Лајка“ по 32.000 евра, а Градот 160.000. (Фото: СДК.МК)

    Општините Сарај, Чаир и Шуто Оризари не склучиле договор со Јавното претпријатие „Лајка“ за заловување на уличните кучиња. Град Скопје лани во декември донесе одлука со која и општините треба да се вклучат во финансирањето на јавното претпријатие за бездомни животни. Според одлуката која беше изгласана во Советот на Град Скопје, секоја општина треба годишно да дава на „Лајка“ по 32.000 евра, а Град Скопје за оваа намена ќе издвојува 160.000 евра.

    Но, три општини таа одлука не ја почитуваат и досега, речиси цела година откако е стапена на сила, немаат склучено договор со претпријатието и не дале пари за заловување бездомни кучиња.

    „Со Општините Аеродром, Ѓорче Петров, Центар, Гази Баба, Кисела Вода и Бутел склучени се договори за меѓуопштинска соработка за заловување на кучиња на 1 март. Со Општина Карпош договорот е склучен во август, додека Општините Сарај, Чаир и Шуто Оризари немаат склучено договор“, велат од ЈП „Лајка“.

    На нашето прашање дали тоа значи дека во овие три општини кои не склучиле договор не се заловуваат бездомни кучиња, ни одговорија дека ЈП „Лајка“ од почетокот на своето работење постапува во сите општини од Градот Скопје, по претходно издадени решенија од официјалните ветеринари при Агенцијата за храна и ветеринарство, а во врска со каснувања од кучиња.

    За уличните кучиња кои се заловуваат, од „Лајка“ најпрво бараат семејства кои ќе ги вдомат. Ако не бидат вдомени, откако ќе бидат чипирани и стерилизирани се враќаат повторно на улица.

    Од самото отворање на прифатилиштето, „Лајка“ има отворено профили на социјалните мрежи, Фејсбук и Инстаграм на македонски и англиски јазик, каде што постојано се објавуват кучиња коишто се подготвени за вдомување. Досега се вдомени вкупно 150 кучиња. Покрај во земјава, „Лајка“ досега има вдомено околу 50 кучиња и во странство, односно во САД, Германија, Шведска и Белгија.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира