ОПШТИНСКАТА ЗГРАДА ВО СТРУГА ДОБИ СПОМЕН-ПЛОЧА ИСПИШАНА НА АЛБАНСКИ ЈАЗИК СО КОЈА СЕ ВЕЛИЧА ФАШИСТИЧКАТА ОКУПАЦИЈА

    ОПШТИНСКАТА ЗГРАДА ВО СТРУГА ДОБИ СПОМЕН-ПЛОЧА ИСПИШАНА НА АЛБАНСКИ ЈАЗИК СО КОЈА СЕ ВЕЛИЧА ФАШИСТИЧКАТА ОКУПАЦИЈАСо спомен-плоча испишана само на албански јазик со која се велича фашистичката окупација на Струга, кога во 1941 Албанското кралство го востановило албанскиот јазик како службен во Југозападна Македонија. (Фото: СДК.МК)

    Старата зграда на основното училиште „Браќа Миладиновци“ во Струга, каде по реконструкцијата се смести Општината, доби спомен-плоча испишана само на албански јазик со која се велича фашистичката окупација на градот, кога Албанското кралство го востановило албанскиот јазик како службен во Југозападна Македонија. Текстот на еднојазичната табла во превод содржи: основно училиште, Конгресот во Битола и датумот на негово отворање 1 септември 1941 година.

    Никола Кукунеш од Советот на Општина Струга објаснува дека таблата значи повикување на придобивка којашто е настаната под фашистичка окупација. Вели дека образованието на овие простори почнува во 1945 година за сите подеднакво и за Албанците и за Турците и за Македонците, а тоа е нешто што нè обединува и што е заедничко.

    „Со поставување на оваа табла без знаење и без широк консензус од пошироката заедница, без гласањето по Бадентер во рамките на Советот на Општина Струга, е изиграна една правна процедура и поставена е табла надвор од сите правни рамки. Второ, употребата на јазикот – оваа табла е напишана само на албански, со што е прекршен член 6 став 3 од Законот за македонски јазик којшто е донесен пред неполн месец и трето, историскиот контекст, се повикува на придобивка во 1941 година кога овој дел од Македонија е анектиран и приклучен кон Кралството Албанија и со декрет на нивното министерство е востановен албанскиот јазик како службен јазик на оваа територија, а образованието се спроведува само на албански јазик. Која е вредноста што нè обединува, што имаме заедничко со оваа приказна? Дали ова нè прави поблиски и дали вака имаме повеќе почит едни кон други?“, прашува советникот Кукунеш.

    За советниците од ВМРО-ДПМНЕ ваквата, како што ја нарекоа, скандалозна спомен-плоча испишана само на албански јазик го отсликува самоволието на градоначалникот на Општина Струга Рамиз Мерко.

    „Не верувам дека постои друг градоначалник од било која Општина во светот којшто има поставено обележје на општинската зграда со која се велича, се слави фашистичката окупација на градот. Градоначалникот како и многупати досега ги заобиколува сите правни процедури и донесува одлуки коишто се спротивни на сето она што треба да значи заеднички живот на Струга и стружани“, вели Ален Деребан, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Струга.

    Советниците најавија дека ќе ги преземат сите правни механизми кои им стојат на располагање за да се спречи, како што велат, понатамошното ширење на национализам, шовинизам и фашизам од  градоначалникот на Струга.

    „Идентично како и со незаконската изградба на споменикот на Косово очекуваме дека надлежните органи ќе се огласат за ненадлежни да постапат. За жал, очигледно е дека оваа Влада ја има изгубено контролата над овие територии на Република Македонија“, вели Деребан кој упати повик до советниците на СДСМ да престанат да бидат поданици на градоначалникот, да се одважат и да го осудат овој чин и државните интереси да ги стават над личните и партиските.

    Од Општина Струга не добивме коментар за поставувањето на спомен-плочата.

    Оваа училишна зграда е изградена уште во 1934, а од 2013 со решение на Управата за заштита на културно наследство е прогласена како значајно културно наследство. Денеска тука е сместена општинската администрација, а советниците на ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека зградата била присвоена, узурпирана и незаконски реконструирана од градоначалникот кој во неа ја смести Локалната самоуправа.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира