Актуелниот градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, е кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје на претстојните локални избори.
Ова е одлучено на денешната седница на Извршниот комитет на партијата. Како што кажа на прес-конференција претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, одлуката Ѓорѓиевски да биде кандидат за градот Скопје била донесена бидејќи тој убедливо водел на анкетите и како градоначалник на Кисела Вода покажал дека умее и сака да работи за граѓаните.
„За овој период што го познавам Орце знам дека е мотивиран да победува прво на изборите, а потоа секој ден за Град Скопје. Ѓорѓиевски ќе биде нова енергија која му е потребна на Скопје, после четири години девастација на градот. Ги научивме сите лекции за да не погрешиме во изборот на градоначалник овојпат“, рече Мицкоски.
Ѓорѓиевски кажа дека е свесен во колку лоша состојба се наоѓа градот.
„Апсолутно сум свесен за девастацијата на градот, но спремен сум да го воскреснам Скопје. Време е да изградиме град со кој не само ние, туку и генерациите после нас ќе се гордеат. Фокус ќе бидат сообраќајниот хаос и хигиената. Градот ни е валкан и тоа е најголемиот проблем на скопјани“, рече Ѓорѓиевски.
На Извршниот комитет одлучено е кандидат за Општина Гази Баба да биде актуелниот градоначалник Бобан Стефковски, а за Општина Карпош Сотир Лукровски.
На локалните избори во 2021 кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ беше актуелната градоначалничка Данела Арсовска, за која Мицкоски во изборната кампања велеше дека е жена менаџер која ќе го направи Скопје модерен град. По една година мандат, Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ се скараа и оттогаш постојано се препукуваат.
СДСМ сè уште го нема објавено името на нивниот кандидат за градоначалник на Скопје.
Локалните избори ќе се одржат во октомври.
А. АНТЕВСКА