Кога во октомври минатата година започна реконструкцијата на патната инфраструктура во викенд населбата на Попова Шапка, градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами, најави дека набрзо ќе започне и изградба на пат околу населбата, за да се олесни движењето на моторни возила посебно во зимскиот период. Помина речиси една година, а овој обиколен пат не е изграден. Извршено е само пробивање на трасата, но не и асфалтирање. Во меѓувреме, од дождовите на неколку места се појавија свлечишта кои однесоа делови од патот.
Касами вели дека набрзо и овој пат ќе биде завршен.
„Изградбата на патот ќе продолжи. Во комуникација сме со операторот кој ги врши работите. И таму треба да се даде дозвола бидејќи првин имаше дозвола за подготвителни работи, но сега веќе има и дозвола за реализација на проектот. Мислам дека до почетокот на зимската сезона тој пат ќе биде тампониран“, рече Касами.
Тој вели дека Попова Шапка не е заборавена и дека наскоро се очекува да биде промовиран новиот урбанистички план за овој зимски туристички центар, што се чека долги години.
„Се надевам дека следниот месец ќе биде готов новиот урбанистички план за Попова Шапка, што ќе го промовираме пред домашните и странските инвеститори. Заедно со Владата ќе работиме да најдеме инвеститор во делот на ‘ЕЛЕМ-Турс‘, кој оперира со ски-центарот ‘Попова Шапка‘. Имаме амбициозен план“, рече Касами.
Минатата влада најави голем план за ревитализација на Попова Шапка и објави дека фирма од Италија е подготвена да инвестира неколку милиони евра во инфраструктурата. Но, освен најавата, ништо друго не е направено на Попова Шапка, а и Касами не е запознат дали тој проект воопшто ќе се реализира.
„Јас не знам кој и што беше тој инвеститор. За жал, во претходната влада сè беше до министрите. Претходниот министер имаше некојси устен договор со инвеститорот, но си отиде министерот, си отиде и инвеститорот. Јас пројавив желба да се видам со инвеститорот, да видам кој е неговиот интерес, но немаше никаков одговор“, вели Касами.
З. АНДОНОВ