Семејството на Кирил Македонски, авторот на првата македонска опера „Гоце“, одлучи оставнината на големиот композитор да ја предаде на Завод и Музеј Битола. Денеска се навршија 41. година од смртта на композиторот и неговата ќерка Пламенка Македонска и други членови на потесното семејство предадоа бројни експонати кои го отсликуваат неговиот живот.
Македонски беше брилијантен музичар, операта „Гоце“ ја напишал на позајмен клавир од Радио Битола, а операта „Цар Самоил“ според слух. Автор е и на операта „Даме“, која беше преименувана во „Илинден“, како и на пет симфонии, камерни дела, преку 200 детски композиции, хорски дела и други композиции.
Предадени се повеќе од 300 книги од семејната библиотека кои го содржат неговиот потпис и печат, меѓу кои и ретки изданија со музичка литература. Потоа, 20 регистри со документација, од писма, списи, преписки, свидетелства, индексот од студентските денови во Љубљана, композиции за филмска музика, како и таа за филмот „Македонска крвава свадба“ од 1977, детски песни, хорски дела, либрета од оперите, новинарски текстови, награди, признанија меѓу кои и плакат од Универзитетот Кембриџ во Велика Британија.
Дел од збирката се и неговиот грамофон, машината за пишување, усната хармоника и други инструменти, рачниот часовник, пенкалата со кои ги напишал оперите. Зачувани се дури и графики за костимографијата на операта „Цар Самуил“, работени од битолскиот уметник Ранко Струмениковски.
Ќерката на Кирил, Пламенка, изјави дека долго размислувала каде да го предаде овој материјал и дека има голема доверба во оваа битолска институција.
На средбата беше и Ирена Ружин, вработена во Заводот, роднина на Македонски, која рече дека со ова се исполнува желбата на нејзиниот татко, диригентот и професорот по музика Ѓорги Здравев, внук на композиторот, да се спаси од заборав неговото дело.
„Семејството одлучи сите документи и неговите лични предмети кои верно ги чуваа 40 години да ги споделат со нас и заедно да работиме на овој проект. Ангажиравме и стручни лица кои уште еднаш ќе го потврдат значењето на неговите објавени и необјавени дела кои до скоро немаа вистинско место во македонското културно наследство од областа на музиката“, рече Ружин.

Предадени се повеќе од 300 книги од семејната библиотека кои го содржат неговиот потпис и печат, меѓу кои и ретки изданија со музичка литература. (Фото: СДК.МК)
Директорот на Завод и Музеј Битола, Зоран Николовски најави дека оваа година по повод сто години од раѓањето на Кирил Македонски ќе се отвори спомен-соба каде ќе бидат изложени сите оригинални предмети и клавирот на кој ја напишал операта „Гоце“.
Ж. ЗДРАВКОВСКА