Осудени лица за полесни дела ќе работат во јавните претпријатија на Град Скопје. Градоначалникот Петре Шилегов и директорот на Управата за извршување санкции, Јовица Стојановиќ потпишаа меморандум е вршење на општокорисна работа на овие лица во јавните претпријатија „Паркови и зеленило“, „Улици и патишта“, „Водовод и канализација“, „Комунална хигиена“ и „Градски паркинг“, како и во Зоолошката градина.
„Сторителите на полесни кривични дела, за кои е пропишана казна затвор до 3 години или парична казна, ќе добијат втора шанса што ќе резултира со намалување на затворската популација. Град Скопје ќе овозможи надзор над исполнувањето на обврските на лицата при извршување на мерката општокорисна работа од овластен пробациски службеник од локалната пробациска канцеларија и од Секторот за пробација на централно ниво од Управата за извршување санкции. Верувам дека со овој чекор Градот директно ќе излезе во пресрет и на овие наши сограѓани во насока на целосна заштита на човековите права согласно со меѓународните стандарди во третманот на затворениците “, рече Шилегов.
Директорот на Управата за извршување санкции, Јовица Стојановиќ, рече дека овој чин е многу важен за заживување на пробациската служба во нашата земја. Обврските на осуденото лице при извршување на општокорисната работа ќе бидат усогласени со индивидуалниот план и програма изготвени од Пробациската служба. Притоа, личноста и достоинството на осудените лица ќе бидат почитувани, а ќе бидат преземени и сите мерки за заштита при работа, согласно со општите прописи.
А. АНТЕВСКА