ОСУМ ДЕНА ТЕЧЕ МАТНА ВОДА ОД ЧЕШМИТЕ ВО СТРУГА, ОД „ВОДОВОД“ ВЕЛАТ ВИНОВНА Е КОМПАНИЈАТА КОЈА ЈА КОРИСТИ ВОДАТА ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА СТРУЈА

    ОСУМ ДЕНА ТЕЧЕ МАТНА ВОДА ОД ЧЕШМИТЕ ВО СТРУГА, ОД „ВОДОВОД“ ВЕЛАТ ВИНОВНА Е КОМПАНИЈАТА КОЈА ЈА КОРИСТИ ВОДАТА ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА СТРУЈАЗабрана за користење на водата од градскиот водовод даде и Центарот за јавно здравје кој утврди дека водата не е безбедна за пиење.(Фото:СДК.МК)

    Стружани веќе осум дена немаат исправна вода за пиење бидејќи од чешмите им тече матна и нечиста вода. Забрана за користење на водата од градскиот водовод даде и Центарот за јавно здравје кој по направените анализи утврди дека водата од градските чешми не е безбедна за пиење.

    ,,Од извршените мерења на водата за пиење од градскиот водовод во Струга, констатирана е зголемена матност во водата за пиење, со вредности значително поголеми од законски пропишаните. Поради тоа и согласно Правилникот за безбедност на вода, водата од градската водоводна мрежа во Струга и селата кои се приклучени на неа, не е здравствено безбедна и истата не треба да се користи за пиење. Согласно процедурите, известени се надлежните институции и соодветните инспекциски служби за натамошно постапување“, велат од Центарот за јавно здравје.

    Од Јавното претпријатие „Водовод Струга“ велат дека проблемот настанал поради неконтролираниот испуст на вода за производство на електрична енергија од мини хидроцентралата кај Горна Белица.

    „Компанијата која ги води мини електраните користи повеќе вода за да произведуваат повеќе енергија. Имаме барано средба со нив, испративме допис до нив да преземат мерки, има и опомена пред тужба и доколку не одговорат ние ќе им го раскинеме договорот и тие објекти од таму ќе се отстранат“, вели Дашмир Насуфи, директор на ЈП „Водовод и канализација Струга“.

    Стружани се револтирани бидејќи во време на пандемија се оставени без вода која им е најпотребна за одржување на лична хигиена. Велат дека се изложени на дополнителни трошоци оти се приморани да купуваат флаширана вода.

    „Ова е недозволиво, најпрво немавме вода поради сушата сега имаме кал наместо вода поради обилните врнежи. Надлежните мора да го решат овој проблем“, велат стружани.

    Немањето вода или заматена вода е секојдневие во Струга со години наназад.

    Неодамна стружани преку протести побараа решавање на состојбата, а се заканија и со блокирање на патиштата и граѓанска непослушност за плаќање на сметките. Според нив проблемот се должи и на старата и дотраена водоводна мрежа како и несоодветниот третман на водата.

    С. ВРЕНЦОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира