Станарите на улицата Гиго Михајловски во скопски Карпош осум години живеат во разурната зграда, бидејќи градителот кој добил дозвола за надградба не го довршува објектот. Станарите на зградата испратија документи од договорот до САКАМДАЖАМ.МК преку алатката Пријави корупција и тврдат дека живеат во небезбеден објект, бидејќи e почнат да се доградува и сега со години стои нечепнат. Велат дека се немоќни, затоа што ниту една, ниту државна, ниту општинска институција не ги слуша нивните маки.
Станарите во зградата, која од задната страна излегува на булеварот Партизански одреди веднаш до поранешно „Симпо“, уште во 2015 склучиле договор со фирмата „Агро проџект Вељанови“ со кој се дозволува на градителот да дигне уште еден кат на зградата и становите да ги продава.
Според договорот, станарите треба да добијат доградба на терасите за секој сопственик бесплатно, а градителот да ги плати комуналиите за доградба, да постави лифт со пет станици, да го санира складишниот простор, да направи фасада на целата зграда и нов покрив. Во договорот стои дека треба градителот да ги смени одводните цевки, да се промени доводна инсталација до секој стан и нови врати за секој влез.
Градителот требало градежните работи да ги заврши во рок од две години. Но, зградата и после осум години нема абер да биде готова. Откако градителот добил дозвола од Општина Карпош почнал со изградба на терасите и надградба на објектот. За кратко време градежните работи престанале и оттогаш зградата стои оградена со тараби, со расфрлани градежни материјали, разрушена фасада и влез.
„Зградата изгледа како да ја погодила бомба, како да сме среде војна. Ништо од договореното не е завршено. Не знаеме колку е безбедно живеењето, стравуваме дека при земјотрес може цела да се урне. Инвеститорот нема намера да ја заврши, чат-пат ќе се појави, но сето тоа што го прави се крпеници“, велат станари кои живеат во зградата.
Градителот продал и дел од становите што исто така нема абер да се доправат. Кога почнала градбата ги продавал како станови во градба и голем дел поради атрактивната локација биле продадени. Но, кога и дали воопшто ќе бидат готови становите, не знаат.
Инвеститорот на зградата Тони Вељанов вели дека тој работи на зградата и сите обврски кои ги презел ќе ги заврши. Признава дека доцни со изведбата, но вели не му е јасно зошто станарите се жалат кога поголем дел од градежните работи се завршени.
„Не е точно дека 8 години се гради, градежната дозвола ја добивме во 2018 година, па фати ковид-пандемијата и имавме потешкотии во работењето. Но, сега на терен се работи, едната страна има фасата, терасите се изведени, сега ставаме врати. Ќе бидат готови и становите кои се продадени. Луѓето ми се јавуваат, ми вршат притисок, јас им се извинив и ви тврдам дека зградата ќе биде завршена“, ни изјави Вељанов.
Во 2014, фирмата „Агро проџект Вељанови“ доби кривична пријава за злоупотреба на земјоделски субвенции, а сопственичката и управителка Соња Вељанова беше меѓу осомничените 24 лица од кои 15 се државни службеници. Осомничена во истиот случај беше и „Агро Проџек Рамак“ чија сопственичка и управителка е сестра ѝ Радица Вељанова. Во 2017, „Агро проџект Вељанови“ од Општина Кисела Вода има добиено дозвола и за надградба на зграда на улицата Пушкинова. „Агро Проџек Вељанови“ е регистрирана во 2007 година со седиште на истата адреса на која живеат сестрите Радица и Соња Вељанови. Фирмата се бави со дејности кои се извршуваат после собраните посеви и со надворешна трговија на прехранбени и непрехранбени производи. Оваа компанија има подружница чија деност се изградба на станбени и нестанбени згради. Непосредно пред промената на власта во 2017, оваа фирма добила тендер од Клиниката за радиологија за извршување на градежни работи, поправка и одржување на зградата на клиниката, во вредност од 38.000 евра. Во октомври 2017, кога беше на распит пред судија за претходна постапка, Соња Вељанова беше локален координатор на Мрежата на жени-фармери.
Од Општина Карпош велат дека станува збор за приватен договор и дека Општината нема никакви надлежности.
„Станарите сами потпишале со инвеститорот и тоа е сега договор меѓу нив. Дозволата за надградба е издадена врз основа на сите потребни документи и одобрени проекти. Општината нема никаква законска можност да интервенира во овој случај“, велат од Општина Карпош.
А. АНТЕВСКА