ОТКАКО 17 МЕСЕЦИ БЕШЕ ЕДИНСТВЕН ВРАБОТЕН ВО НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК ШАР ПЛАНИНА, ДИРЕКТОРОТ ИБРАХИМ ДЕХАРИ ДОБИ ДВАЈЦА ШУМАРСКИ ИНЖЕНЕРИ

    ОТКАКО 17 МЕСЕЦИ БЕШЕ ЕДИНСТВЕН ВРАБОТЕН ВО НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК ШАР ПЛАНИНА, ДИРЕКТОРОТ ИБРАХИМ ДЕХАРИ ДОБИ ДВАЈЦА ШУМАРСКИ ИНЖЕНЕРИНаскоро се очекува дополнително да се зголеми бројот на персоналот во Националниот парк со вработување на уште десет вработени. (Фото: СДК.МК)

    Поминаа 17 месеци откако почна да работи Националниот парк „Шар Планина“, и целиот овој период институцијата работеше само со еден вработен, директорот Ибрахим Дехари. Конечно, деновиве тука се вработени двајца шумарски инженери па Националниот парк конечно ќе може да почне да функционира.

    Според Дехари, шумарските инженери сега ќе започнат етапно да ги решаваат проблемите кои Националниот парк ги има со жителите на планинските села каде се протега паркот. Тие ќе можат да им издаваат дозволи за сеча на шумата, но само на приватен имот и ако поседуваат соодветна документација

    „Документацијата ни е подготвена, сега само шумарските инженери можат да потпишат документ и да даваат дозвола за дрвна маса. Луѓето веќе започнаа да се обраќаат со своите барања за дрвна маса до кај нас. Сите кои имаат приватна шума слободно нека се обратат, нашите канцеларии ни се во објектот на поранешната Жичара „Тетово – Попова Шапка“ во тетовската населба Горна Чаршија“, изјави директорот Дехари.

    Наскоро се очекува дополнително да се зголеми бројот на персоналот во Националниот парк со вработување на уште десет вработени.

    „Од Министерството за финансии ни е одобрено Националниот парк да има десет лица, освен мене и овие два шумарски инженери, треба да вработиме правник, лице во ИТ секторот и четворица ренџери. Овие вработувања се одобрени за оваа година. Очекуваме на почетокот на наредната година да имаме уште 10 други редовно вработени и петмина вработени со договор. Поголемиот број од нив ќе бидат ренџери. За исполнување на елементарните работи на Националниот парк ни се потребни од 25 до 30 вработени што значи, веќе од наредната година ќе можеме да функционираме онака како што треба“, надополнува Дехари.

    Деновиве повеќе жители на планинските села во реонот на Националниот парк „Шар Планина“ се пожелија дека не можат да сечат дрва за огрев бидејќи не можеле да добијат соодветни дозволи. Сега, нововработените шумарски инженери почнале да издаваат дозволи, бидејќи само тие се овластени да ги издаваат, но за да се добие одобрение за сеча на шумата на приватен имот потребно е да се достават соодветни документи со кои се потврдува дека се сопственици на местото на кое сакаат да сечат. Ова им создава дополнителни проблеми на жителите од овие реони бидејќи малкумина од нив навреме го префрлиле имотот на нивно име, па тој во многу случаи сé уште се води на нивните дедовци па и на прадедовци.

    З. АНДОНОВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира