ОТКАКО ДВЕ ГОДИНИ ГО ДРЖЕШЕ ЗАКОЧЕН ПРОЕКТОТ НА ШИЛЕГОВ, ДАНЕЛА СЕГА ВЕЛИ ДЕКА ЌЕ ГО ПРАВИ АВТОБУСКОТО МЕТРО

    ОТКАКО ДВЕ ГОДИНИ ГО ДРЖЕШЕ ЗАКОЧЕН ПРОЕКТОТ НА ШИЛЕГОВ, ДАНЕЛА СЕГА ВЕЛИ ДЕКА ЌЕ ГО ПРАВИ АВТОБУСКОТО МЕТРОВо ноември 2021 година, Арсовска, непосредно по нејзиниот избор за градоначалник, изјави дека нема да го продолжи проектот за БРТ, бидејќи тоа било проект на нејзиниот претходник Петре Шилегов. (Фото: СДК.МК)

    Скопската градоначалничка Данела Арсовска вели дека ќе го реализира проектот за Брз автобуски превоз (БРТ) во Скопје, иако веднаш по стапување на функцијата пред две години рече дека нема да го прави, затоа што, според нејзината изјава тогаш, тоа било ветување на Петре Шилегов, а тој изгубил на изборите. Во меѓувреме, таа го стопираше тендерот за изградба на проектот.

    „По две години отстранување на пречките на проектот предизвикани од претходното градско раководство, градот Скопје конечно ќе добие нов транспортен систем. Системот за Брз автобуски превоз доби зелено светло од меѓународните партнери со што започнува неговата реализација во главниот град. Проектот подразбира изградба на два нови терминали, на транспортни центри, обезбедување на непречено сообраќање на автобусите, како и набавка на нови еколошки автобуси кои користат ЦНГ. Во основниот идеен проект беа истакнати детектираните сериозни пречки за реализација кои благодарение на посветеноста и работата на градската администрација се надминати и со нивно отстранување се овозможува непречена реализација на овој проект“, соопштија од Град Скопје.

    Во ноември 2021 година, Арсовска, непосредно по нејзиниот избор за градоначалник, изјави дека нема да го продолжи проектот за БРТ, бидејќи тоа било проект на нејзиниот претходник Петре Шилегов. Нејзиното ветување беше бесплатен јавен превоз во Скопје и нови 250 автобуси.

    „Јас БРТ не ветив, туку брз, навремен и бесплатен јавен превоз и нови 250 автобуси. БРТ беше проект на мојот претходник, кој не беше избран на овие избори, што значи дека граѓаните не го одбраа тој проект. Кога тој ги доби изборите пред 4 години, во кампањата не ветуваше БРТ, туку го претстави подоцна. Јас ќе се фокусирам да го реализирам она што јас го ветив во мојата програма и за што бев избрана“, рече тогаш Арсовска.

    За реализација на БРТ во Скопје, Владата зеде кредит во висина од 70 милиони евра од ЕБОР.

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира