ОТПАДНИТЕ ВОДИ ОД НАСЕЛБИТЕ ВО ГОРНИОТ ТЕК НА ТОПОЛКА ЗАВРШУВААТ ВО РЕКАТА, НЕОПХОДНИ СЕ ПРЕЧИСТИТЕЛНИ СТАНИЦИ

    ОТПАДНИТЕ ВОДИ ОД НАСЕЛБИТЕ ВО ГОРНИОТ ТЕК НА ТОПОЛКА ЗАВРШУВААТ ВО РЕКАТА, НЕОПХОДНИ СЕ ПРЕЧИСТИТЕЛНИ СТАНИЦИОтпадните води од Горно и Долно Јаболчиште, кои заедно бројат над пет илјади жители, ја полнат Тополка.

    Проблемот со отпадни води во горниот тек на реката Тополка, каде завршуваат фекалиите од населените места, не е решен иако Хидросистемот Лисиче постои 15-тина години. Реката се влева во езерото Лисиче, од каде велешани се снабдуваат со воза за пиење. Отпадните води од Горно и Долно Јаболчиште, кои заедно бројат над пет илјади жители, ја полнат Тополка. Проблемот го актуелизираше градоначалникот на Велес Аце Коцевски.

    „Има проблеми со водите кои се влеваат во езерото Лисиче, затоа што не е изграден колекторски систем и пречистителна станица за прифаќање и третман на отпадните води од селата кои се наоѓаат над браната. За водата што ја пијат велешани да биде квалитетна, се внесуваат хемиски средства и затоа е потребно да се реши овој проблем, кој е скап но важен“, кажа Коцевски.

    Проекцијата за демографскиот развој на двете населени места Горно и Долно Јаболчиште, кој со пет илјади жители е достигнат сега, бил предвиден за 2035-та година. Решението е изградба на канализационен и колекторски систем, со изградба на две пречистителни станици за двете населени места, за што постоела и проектна документација.

    „Во овие две населени места нема канализационен систем за одвод на отпадните води, туку септички јами. Ова е комунален проблем на Општина Чашка а последиците ги трпат ЈВП Лисиче и Велес. Преку Вардарски Плански Регион е изготвен проект, за решавање на овој проблем, кој е во Општина Чашка. Неговата вредност е 2,3 милиони евра, останува да се најдат средства за негова реализација. Граѓаните треба да знаат дека немаме сериозен проблем со квалитетот на водата за пиење која се испорачува на велешани, ниту во скоро време може да се случи“, рече Дејан Арсовски, директор на ЈВП Лисиче.

    Од езерото Лисиче со вода за пиење се снабдуваат освен жителите на Велес и повеќе приградски населби и села во велешко.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира