ОТПУШТЕНИТЕ НАСТАВНИЦИ СО „ОДА НА РАДОСТА“ ПРОТЕСТИРАА ПРЕД ОПШТИНА БИТОЛА

    ОТПУШТЕНИТЕ НАСТАВНИЦИ СО „ОДА НА РАДОСТА“ ПРОТЕСТИРАА ПРЕД ОПШТИНА БИТОЛАСо мелодијата отсвирена на гитара и виолончело, битолските наставници кои останаа без работа велат дека им се заблагодаруваат на локалната власт за тоа што не издвоила време да се сретне со нив. (Фото: СДК.МК)

    Наставниците кои останаа без работа откако не им беа продолжени договорите, денес свирејќи ја химната на ЕУ „Ода на радоста“ протестираа пред Општина Битола. Рекоа дека со мелодијата отсвирена на гитара и виолончело им се заблагодаруваат на локалната власт за тоа што не издвоила време да се сретне со нив.

    „Сакаме да им се заблагодариме на новоназначените директори на училиштата и градинките, наши долгогодишни колеги кои не ни ги продолжија работните договори и нити ни ги трансформираа работните односи и ни оставија сомнително образложение дека не е до нив. Благодарност до претседателот на Советот кој се прогласи за ненадлежен и до градоначалничката и покрај нашите обиди за средба, не нè удостои“, рече Гордана Јоначиќ.

    Таа додаде дека не им биле продолжени договорите на 75 наставници и други профили, а на нивно место биле ангажирани други лица без положен приправнички испит.

    „Ја исвиривме Ода на радоста оти е химна на Европската унија, претходно слушавме за животот кој треба да дојде дека треба да се почитуваат моралните вредности кои ги претпочита ЕУ, но ништо од тоа. Пет месеци од Општина не најдоа 5 минути време да ни одговорат. Средба е побарана во три наврати и запишани сме со ѕвездичка во книгата за средби што значело важност па сè уште немаме одговор“, рече Марина Стефановска Јовчева.

    Од Општина Битола ги повикаа невработените наставници, кои бараа прием да се обратат до кабинетот на градоначалникот за да договорат средба за идната недела.

    „Очекувам да достават официјално барање до мене, останувам отворена за средба со нив да ги сослушам нивните проблеми доколку постојат. Инаку, ситуациите се индивидуални, во минатото факт е дека постоеа таканаречени вештачки часови кои во текот на оваа учебна година беа елиминирани. Очекувам по официјалното барање со нив да се сретнеме“, рече градоначалничката Наташа Петровска, одговарајќи на новинарско прашање за време на средбата со евроамбасадорот Самоел Жбогар.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира