Заврши откопувањето и безбедното отстранување на 2.262 неексплодирани тромблонски гранати и рачни бомби од Првата светска војна, пронајдени во непосредна близина на последните куќи во Битола, кај Тумбе Кафе, на околу 200 метри воздушна линија од нив. Убojните средства тежат вкупно околу 1,1 тон, а содржат приближно 135 килограми експлозив, соопшти директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
„Пиротехничарите на Дирекцијата за заштита и спасување последните денови ја заокружија бројката на 2.262 неексплодирани тромблонски гранати и рачни бомби“, вели Ангелов, заблагодарувајќи им се на пиротехничарите кои учествувале во акцијата.
Претходно на истата локација беа пронајдени и други неексплодирани убојни средства, па вкупната бројка за годинава стигна над 4.000 бомби.
Покрај професионално вработените пиротехничари на ДЗС, меѓу кои и битолченцот Ѓорги Стефанов, во интервенцијата учествувале и тројца поранешни припадници на Министерството за внатрешни работи, сега ангажирани во Дирекцијата со договор на дело: Тони Тошевски и Зоран Смилевски, поранешни припадници на единицата „Тигри“, и Пеце Кокаровски, поранешен припадник на Одделот за антитероризам.
Ангелов апелираграѓаните веднаш да пријавуваат ако забележат неексплодирани убојни средства, без разлика дали станува збор за рачни бомби, артилериски или минофрлачки гранати или авионски бомби. Пријавите се поднесуваат на бесплатниот број 112, по што надлежните служби ќе постапат за нивно безбедно отстранување.
„Безбедноста на граѓаните секогаш е на прво место“, рече Ангелов.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



