ОТВОРЕНА ПРВА ВИРТУЕЛНА ЛАБОРАТОРИЈА КОЈА ЌЕ ОВОЗМОЖИ РЕШАВАЊЕ НА КРИЗНИ СИТУАЦИИ ОД ДАЛЕЧИНА

    ОТВОРЕНА ПРВА ВИРТУЕЛНА ЛАБОРАТОРИЈА КОЈА ЌЕ ОВОЗМОЖИ РЕШАВАЊЕ НА КРИЗНИ СИТУАЦИИ ОД ДАЛЕЧИНАОваа е прва лабораторија од ваков вид не само во Македонија, туку и во поширокиот регион (Фото: СДК.МК)

    На Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово е отворена првата виртуелна лабораторија за обука на кадри за справување со кризни состојби. Опремата е донација од НАТО. Оваа виртуелна лабораторија, прва од ваков вид не само во Македонија, туку и во поширокиот регион, ќе биде поддршка не само за Центарот за управување со кризи (ЦУК), туку и за институциите кои се дел од системот за управување со кризи.

    „Виртуелната реалност е нова технологија и таа овде помага во обука на кадарот и дава целосна слика за конкретна кризна состојба која треба да се реши на теренот. На пример, кога раководно лице од ЦУК ќе ги стави 3-Д очилата, ќе може од штабот точно да види каде се наоѓаат пожарникарите кои се на терен и да раководи со ситуацијата, сето тоа од командната соба. Оваа виртуелна лабораторија ќе послужи и за обука за справување со разни кризни состојби, кои се презентираат преку 3-Д проекции. Од канцеларија во моментот ќе може да се знае каде се наоѓаат единиците и тие да се наведат каде треба да се упатат. Бидејќи НИКС системот пренесува и видеостриминг и слика, ќе може тие што донесуваат одлука директно да ја следат состојбата на терен“, изјави Урим Вејсели од Центарот за управување со кризи.

    Оваа виртуелна лабораторија е направена во соработка на Универзитетот на Југоисточна Европа, ЦУК, НАТО и Институтот за технологија од Масачусетс.

    „Ова ќе ни помогне во многу аспекти, пред сѐ, во дигитализацијата на ЦУК. Ова е добра можност и предизвик за Универзитетот, бидејќи во ова директно ќе бидат вклучени и наши кадри“, кажа ректорот Абдулменаф Беџети.

    З. АНДОНОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира