ОВА Е КРУНА НА НАШАТА ТРИГОДИШНА БОРБА ПРОТИВ РУДНИЦИ, ВЕЛАТ АКТИВИСТИТЕ ОТКАКО ВЛАДАТА ГО РАСКИНА ДОГОВОРОТ ЗА КОНЦЕСИЈА ЗА ИЛОВИЦА

    ОВА Е КРУНА НА НАШАТА ТРИГОДИШНА БОРБА ПРОТИВ РУДНИЦИ, ВЕЛАТ АКТИВИСТИТЕ ОТКАКО ВЛАДАТА ГО РАСКИНА ДОГОВОРОТ ЗА КОНЦЕСИЈА ЗА ИЛОВИЦААктивистите од Здрава котлина тврдат дека по три години борба, конечно преовлада институционалниот разум и правда; - Од протестот на активистите пред Влада на 23 ноември. (Фото: СДК.МК)

    Граѓанските активисти против рудници од Струмичкиот Регион ја поздравија одлуката на Владата за еднострано раскинување на договорот за концесија за рудникот Иловица на планината Огражден. Владата вчера на седницата во Куманово одлучи да го раскине договорот за концесија од 2014 и анексот од 2015, со објаснување дека концесионерот „Еуромакс ресорсис“ не ја обезбедил потребната документација во рок од 4 години.

    „Договорот еднострано се раскинува од страна на концедентот, бидејќи концесионерот нема поднесено барање со целокупна неопходна документација за издавање на дозвола за експлоатација на минерални суровини во рок од четири години по склучување на договорот за концесија“, соопшти Владата.

    Активистите од Здрава котлина тврдат дека по три години борба, конечно преовлада институционалниот разум и правда. Според нив ова е победа на струмичани, еколошките организации но и Владата, бидејќи концесионерот ги пречекорил сите рокови за неговата намера да гради рудник за бакар и злато. Како што ни изјави Ѓорги Танушев, сега останува да се одземе и втората концесија на „Еуромакс“.

    „Ова е круна на нашата тригодишна борба против рудници. ‘Еуромакс ресорис’ на планината Огражден има уште една концесија која важи до 16 јануари идната година. Станува збор за локација која е споредна, бидејќи одлуката важи за концесискиот простор кој е раскинат од Владата и има количини со бакар и злато, а на вториот концесиски простор требаше да се градат капацитетит. Но и за тој простор немаат обезбедено 8 од потребните 10 документи“, вели Танушев.

    Како што најави тој и останатите активисти од Здрава котлина, будно ќе ги следат состојбите и со останатите издадени концесии во Југоистокот кои се потенцијални за отворање рудник, иако станува збор за детални геолошки истражувања.

    „Станува збор за локацијата Плавуш на влезот на Струмица, кој е на ‘Сардич МЦ’ и Двориште во Беровско каде концесионер ‘Резервоар минералс’. Тие се во моментов на фаза за детални геолошки истражувања и уште немаат аплицирано за експлотација, но будно ги следиме и нив бидејќи не сакаме рудници со отворен коп во Југоистокот“, вели Танушев.

    „Еуромакс ресорсис“ соопшти дека владиното еднострано раскинување на договорот за концесија кај Иловица е „политичка одлука што е во спротивност со официјални изјави на Владата, дадени во јавноста неодамна како и во последните неколку денови, дека тие чекаат Управниот суд да донесе одлука за ова прашање“. Компанијата најави дека ангажирала адвокатска фирма за да се подготви за меѓународна арбитража и дека е „подготвена да ги исцрпи сите домашни и меѓународни правни лекови“.

    Откако не доби дозвола за експлотација во јули годинава, компанијата поднесе тужби до Управниот суд против Министерството за економија и Второстепената владина комисија за неиздадената дозвола.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира