ОВОШТАРИТЕ БАРААТ ДА ИМ СЕ ИСПЛАТАТ ШТЕТИТЕ ОД ЈУЛИ И ДА СЕ САНИРА СВЛЕЧИШТЕТО ВО ПРЕСПА

    ОВОШТАРИТЕ БАРААТ ДА ИМ СЕ ИСПЛАТАТ ШТЕТИТЕ ОД ЈУЛИ И ДА СЕ САНИРА СВЛЕЧИШТЕТО ВО ПРЕСПАОвоштари од Преспа се собраа да побараат да се забрза и исплатата на помошта за индустриското јаболко од 3 денари по килограм, како и да се санира свлечиштето на патот Ресен за граничниот премин Маркова нога. (Фото: СДК.МК)

    Овоштарите од Долна Преспа кои претрпеа штети од силното невреме во јули со предлог до Општина Ресен средствата предвидени за прослава на јаболкоберот на 27 септември да се пренаменат за подмирување на штетите кај овошките. Дел од јаболкопроизводителите од Крани, Штрбово, Долно Дупени денес одржаа собир на кој побараа невремето од јули да се прогласи за елементарна непогода и да не се одолговлекува постапката за обесштетување.

    „Штетите беа огромни, документирано е сѐ̀ од Управата за хидрометеоролошки работи, наврна преку 50 литри град на метар квадратен, брзината на ветерот беше околу 170 километри на час, до денес не е прогласена елементарна непогода. Бараме во најкраток можен рок да се прогласи елементарна непогода и веднаш да бидеме обесштетени. Документите стојат во општина Ресен“, Радомир Костовски од село Штрбово.

    Тие побараа да се забрза и исплатата на помошта за индустриското јаболко од 3 денари по килограм, како и да се санира свлечиштето на патот Ресен за граничниот премин Маркова нога.

    „Свлечиштето во 2017 година се случи, патот е онеспособен за движење и апелирам да се санира час поскоро бидејќи очекуваме и отворање на граничниот премин Маркова нога, па ќе е пречка да се реализира тоа“, рече Љубе Пампулевски од Здружението на овоштари Благој Котларовски.

    На местото каде што е свлечиштето има алтернативен земјен пат кој го користат возила во еден правец, а оние од спротивната страна минуваат низ руинираниот асфалт.

    Од Општина Ресен велат дека трите денари за индустриското јаболко ќе се исплатат од 15 ноември. Во однос на штетите од невремето во јули за секоја апликација посебен е елаборат, има оштетени разни култури, па оттаму и надлежности на разни институции. Половина од општинската администрација работи на овој проблем, штом документите се подготват веднаш се праќаат кај надлежните во Скопје и се очекува за еден месец процедурите да завршат.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира