Вчера во Капрош во паркот меѓу улицата Никола Русински и Карпошево Востание падна дрво при што тешко е повредено 10-годишно дете кое е хоспитализирано на Клиниката за детска хирургија. Екипи на Основното јавно обвинителство заедно со Министерството за внатрешни работи извршија увид на местото каде падна дрвото и се испитува случајот.
„Детето е хоспитализирано и сè уште е под опсервација. Јавниот обвинител издаде наредби за обезбедување на целокупната документација за утврдување на староста и евентуалните барања за сечење и отстранување на дрвото. Се вршат разговори со лица кои би можеле да имаат сознанија во насока на утврдување на евентуална кривична одговорност за настанот“, велат од Обвинителството.
Од Општина Карпош велат дека виновни за несреќата се Град Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“ оти не работат и не ги сечат навремено старите дрва.
„За жал неодговорноста зема данок. И тоа данок кој директно го загрозува човечкото здравје. Во конкретниот случај потешко е повредено еден малолетник кој случајно поминувал во паркот измеѓу улицата Никола Русински и Карпошево Востание и врз него паднало дрво. За жал малолетникот има повреди на телото. Иронијата да биде поголема, инцидентот се случува само на 5 метри од пунктот на ЈП ‘Паркови и зеленило‘ кое е должно, согласно Законот за локална самоуправа, да го исече ова дотраено дрво. Одговорноста на ‘Паркови и зеленило‘ е уште поголема зошто истото дрво било обележано и тоа подолго време за сечење, меѓутоа, како и во стотици други случаи јавното претпријатие и Градот Скопје остануваат глуви на барањата на Општина Карпош и на граѓаните“, велат од Општината.
Од ЈП „Паркови и зеленило“ тврдат дека дрвото не било обележано за сечење, немало пристигнато никакво барање ниту пак има издадено решение за сечење. Додаваат дека екипите редовно поставуваат и ги отсрануваат сите дрва кои се стари и претставуваат опасност за граѓаните.
„Надлежните од Општина Карпош го злоупотребиле овој немил настан од причина што се работи за подрачје на нивна општина за кое требало да поднесат барање“, велат од „Паркови и зеленило“.
А. АНТЕВСКА