Охриѓанецот Илија Џепароски паднал во отворена шахта, добил тешка повреда, поднел тужба против ЈП Нискоградба, но место отштета, Охридскиот суд пресудил дека тој бил виновен што не видел каде се движи. Џепароски сега треба да плати 200 илјади денари.
Осудениот вели „ова е голема неправда“ и додава дека случајот го изгубил и во Апелација, па наплатата е дадена на извршител.
„Пред една година, на улицата Јане Сандански при разминување со луѓе паднав во отворена шахта и добив повреди. Шест месеци поминав по болници со лонгети и случајот го дадов на суд. Од ЈП Нискоградба се обидоа да се договориме, но јас не прифатив. За жал, во овој суд сè уште има судии кои не ни дозволуваат да ја истераме правдата. Јас ги тужам за паѓање во отворената шахта, а спорот го губам“, рече Џепароски на денешната прес-конференција во Охрид.
За ваквата пресуда на судијата Богоја Стрезоски кој го водел судскиот процес, Џепароски вели дека е преседан оти во Европа ваквите случаи се секогаш во корист на граѓанинот. Судијата Стрезоски вели дека е факт оти Џепароски има повреди, но нема докази дека се од падот во шахтата.
„Го изгубив спорот и сега треба јас да платам отштета на ЈП Нискоградба. Шахтата беше отворена, а месец дена претходно тука падна една повозрасна жена. Шахтата година дена си стоеше отворена, а судијата по брза и кратка постапка не ги зеде предвид нашите докази, не ги зеде камерите од ‘Рамстор’. Повика само еден минувач кој ме креваше од шахтата. Пресудата беше, ‘требало да гледам каде одам’. Се жалевме во Апелациониот суд во Битола, но апсурдот да биде поголем, во пресудата стои дека шахтата била обезбедена“, кажува Џепароски.
Џепароски за ваквата неправда бара одговор од судијата и вештите лица, дали ако шахтата била затворена или обележана може минувач да пропадне во неа?
„Шахтата 60-тина сантиметри беше отворена, а по два дена од несреќата беше санирана“, вели тој и додава дека за случајот се обратил до тогашниот министер за правда Никола Тупанчески како и до Адвокатската комора од каде, како што вели, добил одговор дека ваков случај досега немало.
Џепароски најави дека ќе бара средба со Претседателот на државата, министерот за правда и градоначалникот на Охрид, за да докаже дека правдата е на негова страна.
С. ВРЕНЦОВСКА