ПАК ГОРИ ДИВАТА ДЕПОНИЈА ВО ВИЗБЕГОВО, ОД ГРАД СКОПЈЕ ВЕЛАТ НАМЕРНО Е ЗАПАЛЕНА

    ПАК ГОРИ ДИВАТА ДЕПОНИЈА ВО ВИЗБЕГОВО, ОД ГРАД СКОПЈЕ ВЕЛАТ НАМЕРНО Е ЗАПАЛЕНАВо моментов, екипи од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје заедно со механизација од јавните претпријатија „Дрисла“ и „Улици и патишта“ го гасат огнот. (Фото: СДК.МК)

    Повторно е запалена и гори дивата депонија во Визбегово. Во моментов, екипи од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје заедно со механизација од јавните претпријатија „Дрисла“ и „Улици и патишта“ го гасат огнот кој, како што велат, е намерно запален.

    „Овие пожари се лесни да се запалат, а многу тешки да се изгаснат заради потповршинските гасови на депонијата. Пожарот може да тлее со денови и да се појават одново и кога делуваат дека се изгасени“, велат од Инспекторатот на Град Скопје.

    Дивата депонија во близина на Визбегово освен што се трупа со секаков вид на отпад и ѓубре, секојдневно се пали и со денови гори. Жителите на околните населби Чаир, Бутел и Визбегово во текот на целата година се жалат дека дишат чад и воздух што мириса на изгорена пластика од депонијата.

    Решавањето на проблемот најави министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини откако со ребалансот на буџетот беа предвидени 325.000 евра.

    „Ќе ѝ предложам на Владата да не се ангажира приватна фирма и да се одолговлекува со тендерски постапки, туку работите за чистење на депонијата да ги врши ЈП ‘Комунална хигиена’ на Град Скопје, кое располага со соодветна механизација“, изјави мнистерот Нуредини на 9 ноември.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира