ПАРИТЕ ОД ЈУБИЛЕЈНАТА ПРЕТСТАВА НА 27 МАРТ БИТОЛСКИОТ ТЕАТАР ЌЕ ГИ ДОНИРА ЗА СЕМЕЈСТВАТА НА НАСТРАДАНИТЕ ОД ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ

    ПАРИТЕ ОД ЈУБИЛЕЈНАТА ПРЕТСТАВА НА 27 МАРТ БИТОЛСКИОТ ТЕАТАР ЌЕ ГИ ДОНИРА ЗА СЕМЕЈСТВАТА НА НАСТРАДАНИТЕ ОД ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИНа Светскиот дена на театарот, 27 Март, ќе се игра претставата „Ѓоре Магаревски - 80 години потоа“ и ќе се донира целиот приход од продадените влезници. (Фото: СДК.МК)

    На Светскиот ден на театарот, 27 Март, Народниот театар од Битола (НТБ) ќе ја игра претставата „Ѓоре Магаревски – 80 години потоа“ и целиот приход од продадените влезници ќе го донира за семејствата на настраданите и повредените од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Со оваа претставата во ноември 2024 беше одбележан 80-годишниот јубилеј на Битолскиот театар.

    „Ѓоре Магаревски- 80 години потоа“ е во режија на Благој Мицевски, Софија Ристевска-Петрушева и Јован Ристовски. Играат актерки и актери од сите генерации, вклучувајќи ги и пензионираните. Во три кратки едночинки улогата на Ѓоре ја играат актерите Марјан Ѓоргиевски во режија на Благој Мицевски, Александар Димитровски во режија на Софија Ристевска, и Никола Пројчевски во режија на Јован Ристовски.  Сценограф е Валентин Светозарев, костимографи Благој Мицевски и Андреј Папаз Ѓоргиевски, драматург Билјана Крајчевска,

    „Влезниците за оваа претстава ќе бидат по цена од 100 денари, а целиот приход од продадените влезници ќе биде наменет за настраданите во Кочани. Ќе бидат прочитани и пораките по повод Денот на театарот. Светската порака ќе ја прочита Ана Грамосли, а македонската Никола Стефанов“, велат од Народниот театар од Битола.

    Во пожарот во кочанската дискотека на 16 март загинаа 59-мина од кои 6 деца, а повредени се околу 200 меѓу кои и 25 деца.

    Црвениот крст изврши исплата на средства на семејствата на починатите и повредените лица кои се лекуваат во странство. За секое лице е исплатено по 150.000 денари. Со исплатата вкупно се опфатени 58 семејства од починатите лица вклучувајќи го и починатиот возач на Брзата помош во Кочани, и 91 семејство од повредените лица кои се хоспитализирани во болниците во странство.

    „За две семејства од починатите лица и 24 семејства од повредените лица кои се лекуваат во странство се чекаат дополнителни податоци за да може да се изврши исплатата и за нив. Во тек е прибирање на податоци за повредените кои се лекуваат во државата“, соопшти Црвениот крст и додаде дека заклучно со денеска собрани се вкупно 61.852.758 денари (над милион евра).

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира