ПАРИТЕ ПЛАТЕНИ ЗА КОМУНАЛИИ ВО НАСЕЛБАТА КАЈ ЕЗЕРО МЛАДОСТ ОПШТИНАТА ГИ ПОТРОШИЛА ЗА ДРУГИ ЛОКАЦИИ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЦЕВСКИ

    ПАРИТЕ ПЛАТЕНИ ЗА КОМУНАЛИИ ВО НАСЕЛБАТА КАЈ ЕЗЕРО МЛАДОСТ ОПШТИНАТА ГИ ПОТРОШИЛА ЗА ДРУГИ ЛОКАЦИИ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЦЕВСКИВо новоизградената планска населба улиците не се асфалтирани, немаат улично осветлување, не се собира комунален смет. (Фото: СДК.МК)

    Дел од сопственици на куќи изградени во новата населба кај Езеро Младост, реагираат на условите во кои живеат. Во дописот испратен до медиумите посочуваат дека улиците не се асфалтирани, немаат улично осветлување, не се собира комунален смет.

    „Во оваа новоизградена планска населба, каде што секој има платено комуналии и нема дивоградби, не се гради иако сè ни е платено и е легално. Немаме јавно осветлување, немаме собирање на отпад, немаме зелени уредени површини, а за сето ова уредно ни доставуваат месечни сметки кои си ги плаќаме за услуги кои не ги добиваме. Ние не бараме услуга, ние бараме да се направи тоа што ни следува и веќе сме го платиле одамна“, велат дел од жителите од населбата во писмото испратено до медиумите.

    Градоначалникот Аце Коцевски, одговарајќи на прашање на прес-конференција, ги оправдува реакциите на граѓаните и објасни зошто е таква состојбата.

    „Тие платиле колку што Општината пресметала. Проблем е што комуналиите во Велес се многу ниски во споредба со други градови. Кај нас е 25 евра, а во други е 50 евра од метар квадратен. Со тие пари што Општината ги прибира по надоместок за уредување на градежно земјиште не е можно да се изгради инфраструктурата. Втор проблем е што тогаш Општината ги земала парите од сопствениците за комуналии и ги потрошила на друго место и не изградила во оваа населба. Ние овие две години правиме дел по дел, годинава ќе се асфалтираат две сообраќајници, ќе инсталираме улично осветлување, почнавме со собирање на отпадот. Постепено ќе ги решаваме проблемите. Проблем е што парите се потрошени за други зафати наместо таму да се изгради инфраструктура“, рече Коцевски.

    Тој ги замоли граѓаните од тој сателитската населба за трпение, како што биле трпеливи досега, кога таму со години ништо не се градело.

    П. ПЕЧКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира