Од март, во склоп на скопската Зоолошка градина ќе има парк со 41 динасаурус во природна големина. Во Зоолошката денеска почна изградбата и уредувањето на Дино паркот, каде ќе бидат поставени фигури од овие праисториски животни.
„Посетителите во природна големина ќе можат да видат Тираносаурус, Стегосаурус, Алосаурус како и поставки со мали диносауруси. Диносаурусите ќе имаат синхронизирани движења, дишење, трепкање и ќе испуштаат звуци, со што ќе ги доловиме на посетителите овие праисториски животни. Ова ќе биде прв Дино парк на Балканот каде ќе има толкав број на диносауруси, како и едукативна содржина за секој од нив. Токму поради тоа очекуваме да биде туристичка атракција и да ја збогати туристичката понуда на Скопје“, рече директорот на Зоолошката градина Ѓорѓи Галетановски.
Паркот ќе зафаќа површина од 2.000 метри квадратни. Ќе има два влеза, еден од внатрешноста на Зоолошката градина и уште еден од страната на Градскиот парк. Во паркот ќе бидат изведени сите придружни елементи односно патеки, зеленило, билетарница, тераса и дел за одмор. Патеките ќе бидат изградени од обработен камен, а постојното зеленило ќе се надополни со ново. За Дино паркот ќе се плаќа посебен билет од 50 денари.
За уредување на просторот и набавка на диносаурусите од буџетот на Град Скопје обезбедени се 20 милиони денари (околу 325.000 евра).
А. АНТЕВСКА