ПАРК СО 41 ДИНОСАУРУС ВО ПРИРОДНА ГОЛЕМИНА ОД МАРТ ВО СКОПСКАТА ЗООЛОШКА ГРАДИНА

    ПАРК СО 41 ДИНОСАУРУС ВО ПРИРОДНА ГОЛЕМИНА ОД МАРТ ВО СКОПСКАТА ЗООЛОШКА ГРАДИНАДиносаурусите ќе имаат синхронизирани движења, дишење, трепкање и ќе испуштаат звуци; - Проектот за изгледот на Дино паркот што ќе чини 325.000 евра. (Фото: Зоолошка градина)

    Од март, во склоп на скопската Зоолошка градина ќе има парк со 41 динасаурус во природна големина. Во Зоолошката денеска почна изградбата и уредувањето на Дино паркот, каде ќе бидат поставени фигури од овие праисториски животни.

    „Посетителите во природна големина ќе можат да видат Тираносаурус, Стегосаурус, Алосаурус како и поставки со мали диносауруси. Диносаурусите ќе имаат синхронизирани движења, дишење, трепкање и ќе испуштаат звуци, со што ќе ги доловиме на посетителите овие праисториски животни. Ова ќе биде прв Дино парк на Балканот каде ќе има толкав број на диносауруси, како и едукативна содржина за секој од нив. Токму поради тоа очекуваме да биде туристичка атракција и да ја збогати туристичката понуда на Скопје“, рече директорот на Зоолошката градина Ѓорѓи Галетановски.

    Паркот ќе зафаќа површина од 2.000 метри квадратни. Ќе има два влеза, еден од внатрешноста на Зоолошката градина и уште еден од страната на Градскиот парк. Во паркот ќе бидат изведени сите придружни елементи односно патеки, зеленило, билетарница, тераса и дел за одмор. Патеките ќе бидат изградени од обработен камен, а постојното зеленило ќе се надополни со ново. За Дино паркот ќе се плаќа посебен билет од 50 денари.

    За уредување на просторот и набавка на диносаурусите од буџетот на Град Скопје обезбедени се 20 милиони денари (околу 325.000 евра).

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира