ПАТОТ ОД МАКЕДОНСКА КАМЕНИЦА КОН БУГАРИЈА ЗАТРУПАН СО ЃУБРЕ, ОД ОПШТИНАТА ВЕЛАТ ПРОБЛЕМОТ ЌЕ СЕ РЕШИ СО РЕГИОНАЛНАТА ДЕПОНИЈА 

    ПАТОТ ОД МАКЕДОНСКА КАМЕНИЦА КОН БУГАРИЈА ЗАТРУПАН СО ЃУБРЕ, ОД ОПШТИНАТА ВЕЛАТ ПРОБЛЕМОТ ЌЕ СЕ РЕШИ СО РЕГИОНАЛНАТА ДЕПОНИЈА Дива депонија на излезот од Македонска Каменца на патот кон Делчево и Бугарија. (Фото: СДК.МК)

    На излезот од Македонска Каменица покрај патот што води за Делчево и Бугарија се наоѓа депонијата каде се собира ѓубрето од цела општина и истата е на видик на сите оние кои минуваат по овој меѓународен пат. Десетици километри понатаму пред Делчево од левата страна исто така покрај патот има дива депонија за шут.

    Посебно е опасна депонијата која е на првиот рид над Македонска Каменица која како да се надвиснала над овој град и браната Калиманци. Некогаш се случува чадот од ѓубрето кое се пали да се спушта кон градот, а од дождовите отпадните и опасни материи да се сливаат во браната.

    Општинските комуналци и еко друштвата во Македонска Каменица велат дека депонијата покрај патот за Бугарија времено ќе се дислоцира и нема да биде на видик. Сè додека не се изгради регионалната депонија ќе се помести од главниот регионален пат, но пак нема да има идеално место оти ќе била поблиску до браната Калиманци и градот.

    Од Општина Македонска каменица најавуваат дека вакви глетки повеќе нема да има затоа што во фаза е реализација на регионален проект помогнат од Швајцарската влада за покривање на постојните диви депонии и нивна дислокација, а ѓубрето и сиот отпад од двете општини да се транспортира во регионалната депонија кај Свети Николе.

    „Општина Македонска Каменица ќе го прифаќа и отпадот од Делчево и како претоварна станица сиот отпад и од двата града ќе се транспортира во регионалната депонија за рециклирање на отпад кај Свети Николе“, вели градоначалничката на Македонска Каменица, Соња Стаменковска.

    Сашо Велковски градоначалник на Свети Николе за време на својот мандат се обидува да го реализира регионалниот проект за заедничка депонија иако од некои еколошки друштва има отпор. Затоа тој не може да каже кога ќе биде завршен овој проект.

    „Регионалната депонија којa се финансира од европските фондови не ја замислуваме како депонија која ќе ја загадува околината, туку напротив, да го рециклира ѓубрето на начин што ќе претставува еко фабрика за обработка на сметот и негово претворање во енергенси“ вели Велковски.

    Советот на Општина Свети Николе веќе донел одлука за основање на заедничко јавно претпријатие за регионално управување со отпад. Тоа треба да го собира ѓубрето од 18 општини од Кумановско–паланечкиот регион и од Источна Македонија. Во план се 6 помали претоварни станици за отпад како што се Македонска Каменица и Рамковци и неколку поголеми отпадни станици како што се Кочани и Штип од Источниот регион, а и од Североисточниот крај Куманово од каде сиот смет, отпад и ѓубре ќе се носи во Регионалната фабрика за отпад кај Светиниколското село Мечкуевци.

    Кумановско-североисточниот регион располага со 5 нестандардни депонии и 36 други диви ѓубришта, а Источна Македонија со 70 диви ѓубришта и 11 нестандардни депонии што практично значи дека сите општини и во двата региони имаат буквално диви депонии. За да може сиот смет од 18 општини да се рециклира, ЕУ прифати проект и ќе инвестира од 35-40 милиони евра за изградба на Регионална депонија за обработка на ѓубрето.

    Против овој проект се повеќе еколошки друштва кои сметаат дека Регионалната депонија негативно ќе влијае на органското земјоделство кое е мошне специфично за Овчеполието и значително ќе го деградира автохтониот растителен и животински свет, пред сè на уникатните жалфија и царскиот орел.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира