ПАТОТ ПРЕКУ ПЛЕТВАР ЌЕ СЕ ПРОШИРИ СО ТРЕТА ЛЕНТА, ЗАСЕГА НЕМА ДА БИДЕ АВТОПАТ, НАЈАВИ БОЧВАРСКИ

    ПАТОТ ПРЕКУ ПЛЕТВАР ЌЕ СЕ ПРОШИРИ СО ТРЕТА ЛЕНТА, ЗАСЕГА НЕМА ДА БИДЕ АВТОПАТ, НАЈАВИ БОЧВАРСКИЗа да се изработи автопат преку Плетвар, има сериозни предфази, а треба да се обезбедат и средства, кажа министерот Бочварски (Фото: СДК.МК)

    Патот преку планинскиот превој Плетвар, најпроблематичниот дел од сообраќајната врска меѓу Битола и Скопје, засега нема да биде дел од автопатското решение, туку ќе се прошири со трета лента. Запрашан кога битолчани ќе добијат автопат до Скопје, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски рече дека се изработува проектна задача за автопат Битола-Прилеп, за двете делници од Прилеп до Градско е распишан тендер и се водат преговори со друга фирма оти со претходните изведувачи имало доста проблеми, а Плетвар останува да се прошири со трета лента.

    „Ќе биде објавена постапка и за третата лента на Плетвар, со што ќе направиме едно подобро, помодерно и побрзо решение. Можам да ги убедам граѓаните дека ќе направиме сѐ за патната инфраструктура во овој дел да ја направиме за почит и на која нема да се случуваат застои и сообраќајни несреќи“, рече Бочварски, кој денеска направи увид во реконструкцијата на улицата Партизанска во Битола.

    За да се изработи автопат преку Плетвар, има сериозни предфази, а треба да се обезбедат и средства, кажа Бочварски.

    „Прво, Градежен факултет треба да најде решение, да се изјасни за овој дел. Треба да се направи проектна задача, да се изготви основен, инфраструктурен проект, да се изврши експропријација, да се издадат одобренија и да се најдат средства за финансирање. Но, јас ќе работам на овој проект. Вложувањата во патната инфраструктура враќаат три и пол пати повеќе средства во економијата“, рече министерот за транспорт и врски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира