ПАЦИЕНТИТЕ И ДОКТОРИТЕ ЛУТИ, ВО ВЕЛЕС НЕДЕЛНО СЕ ПУШТААТ САМО СТО ТЕРМИНИ ЗА ВАКЦИНИ ЗА СЕЗОНСКИ ГРИП

    ПАЦИЕНТИТЕ И ДОКТОРИТЕ ЛУТИ, ВО ВЕЛЕС НЕДЕЛНО СЕ ПУШТААТ САМО СТО ТЕРМИНИ ЗА ВАКЦИНИ ЗА СЕЗОНСКИ ГРИП„Досега, за три седмици вкупниот број за Велес е триста вакцини. Тоа е премалку, според интересот што годинава владее. Имаме проблеми со пациентите, кои мислат дека ние не им даваме термин, дека криеме, а нивниот револт без причина го искажуваат врз нас“, вели матичен доктор од Велес. (Фото: СДК.МК)

    И покрај реакциите дека се испорачува мало количество вакцини против сезонски грип, во петокот попладнето за Велес повторно има слободни само стотина термини за вакцинација. Толку вакцини за здравствено ранливите категории изборија матичните доктори од градот. И повторно револт кај пациентите и кај матичните доктори. Три седмици од вакцинацијата во Велес, а добиените количини се далеку од потребните, констатираат матичните доктори.

    „Иако укажавме до Министерството за здравство дека се испорачува мала доза вакцина за сезонски грип, таа пак се испорачува „на лажиче“ во мала количина. Во прашање се неколку минути во петок попладне кога пуштаат слободни термини, и да се успее да се обезбеди е прашање на умешност. Досега, за три седмици вкупниот број за Велес е триста вакцини. Тоа е премалку, според интересот што годинава владее. Имаме проблеми со пациентите, кои мислат дека ние не им даваме термин, дека криеме, а нивниот револт без причина го искажуваат врз нас“, вели матичен доктор од Велес.

    Од Министерство за здравство велат дека има доволно термини и вакцините се достапни до сите граѓани.

    Годинава, по вторпат се врши бесплатна вакцинација на лица над 65 години, за хронични болни, бремени жени и деца од 6 месеци до 5 години. Лани, кога таа се воведе за прв пат, во Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Велес немаше таков интерес, па мали количини од бесплатната вакцина за сезонски грип останаа неискористени. Тогаш пациенти се жалеа дека има многу бирократија при оваа вакцинација, со закажување термин, одење кај матичен, па решија да ја искористат вакцината која се плаќаше по 650 денари и таа се потроши за еден ден.

    Годинава, комерцијалната вакцинација уште не е почната во Велес, а директорката на ЦЈЗ Анастасија Иванова најави дека ќе ја има најдоцна до првата половина на декември. Вакцината е француска, четиривалентна, која штити од два типа од грипот „А“ и типот „Б“.

    П. ПЕЧКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира