По речиси четири децении постоење, подобрени се условите за третман на пациентите во Јавната здравствена установа (ЈЗУ) Нефрологија Струга. Поставени се фотонапонски панели, соларен систем за загревање на вода, нов систем за греење и ладење, дизел агрегат, извршена е замена на столарија и подобрен е системот за осветлување во внатрешноста на објектот. Истовремено, поставен е и безжичен систем за болничка дојава во одделот за интензивна нега, воспоставен е централен систем за дистрибуција на кислород, извршена е надградба на интернет страната на установата со можност за електронско закажување на прегледи и дијализа. Инвестирано е и во објектот наменет за „холидеј дијализа“ кој сега е комплетно реновиран, има и нов систем за греење, ладење и вентилација како и нов инвентар.
Зафатите се дел од проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој-фаза 2“ вреден 26 милиони денари, преку програмата „Инвестициски проект со дигитална компонента од грантовата шема“ кој го реализираше Министерството за локална самоуправа со поддршка на Владата на Швајцарија.
„Установата сега ги поседува сите услови за навремен и комплетен третман на лицата со бубрежни заболувања. Купен е систем за централно снабдување со кислород за три сали за хемодијализа и интензивна нега, систем за реверзибилна осмоза, комплетно се реновираше одделот за ‘холидеј дијализа’ и тој сега може да се користи преку целата година, а капацитетот на дневниот третман се зголеми на 60 лица. Веќе почнавме да ги намалуваме и трошоците за електрична енергија, благодарение на реконструираниот кров и фасада и поставените соларни панели на покривот на објектот. Оваа капитална инвестиција е од исклучително значење и голем исчекор за подобрување на медицинските услуги кои ги нудиме“, вели директорот на ЈЗУ Нефрологија, Јетмир Зиба.
Вредноста на целиот проект изнесува 26 милиони денари. Министерството обезбеди 11 милиони денари, Швајцарската агенција за развој и соработка учествува со 9 милиони денари, установата со 4 милиони денари, а останатите средства се од буџетот на Општина Струга.
ЈЗУ Нефрологија Струга е единствена болница во Југозападниот плански регион кој ја третира областа на бубрежни заболувања. Годишно се прават околу 16 илјади хемодијализи.
С. ВРЕНЦОВСКА