Печката за медицински отпад на депонијата „Дрисла“ од денеска работи со филтер кој ги апсорбира штетните честички кои се испуштаат во воздухот. Печката која од 2000 година согорува медицински отпад на депонијата досега немаше филтер.
Филтерот е поставен откако во јануари Министерството за животна средина ја казни „Дрисла“ бидејќи печката не ги исполнуваше стандардите за работа и поради тоа неколку месеци беше надвор од употреба.
Филтерот на инсенераторот е поставен пред неколку недели и досега пробно работел. Во тест периодот се покажало значително намалување на штетните честички кои се испуштаат во воздухот односно сулфурните и азотните оксиди се намалени до 15 пати а ПМ честичките од 150-160 микрограми на метар кубен се намалени на 25 микрограми на метар кубен.
„Дрисла повеќе нема да го загадува воздухот. Од денес во функција е новиот филтер кој ги апсорбира ПМ 10 честичките, јаглерод-моноксид и другите честички кои се ослободуваат при согорувањето. Филтерот ќе се користи сè до поставување на новата печка, која треба да биде набавена до јуни. Покрај филтерот горивото мазут на кое досега работеше печката е заменето со природен гас. Работиме на долгорочни решенија за надминување на проблемот со загадување. Свесни сме дека ова не го надминува проблемот со загадувањето, но со повеќе вакви чекори се стасува до трајно решение“, рече градоначалникот Петре Шилегов.
Кој ќе стопанисува со депонијата „Дрисла“ сè уште не се знае. Управниот суд уште нема одлука на жалбата на Град Скопје, во која се бара депонијата повторно да се врати во сопственост на Градот па потоа да се бара партнер.
„Ги замолувам Управниот суд да се донесе што е можно побрзо одлука. Не навлегувам каква ќе биде таа. Но да знаеме кој ќе биде партнер на Градот за да можеме заеднички да ја креираме политиката за третирање на отпадот“, рече Шилегов.
Депонијата „Дрисла“ под концесија ја доби италијанскиот конзорциум ФЦЛ „Амбиенте“, но од она што според договорот требаше да се реализира ништо не е остварено. На депонијата ги нема постројките за согорување на отпад и за селекција на отпад кои требаше да бидат готови.
А. АНТЕВСКА