„ПЕЛАГОНИЈА“ 6 ГОДИНИ СТОИ СОГОЛЕНА И НИТУ ГОДИНАВА НЕМА ДА ДОБИЕ ФАСАДА, ШИЛЕГОВ ВЕЛИ ДЕКА НЕ МОЖЕ ДА СЕ ДОГОВОРИ СО ГАЗДИТЕ

    „ПЕЛАГОНИЈА“ 6 ГОДИНИ СТОИ СОГОЛЕНА И НИТУ ГОДИНАВА НЕМА ДА ДОБИЕ ФАСАДА, ШИЛЕГОВ ВЕЛИ ДЕКА НЕ МОЖЕ ДА СЕ ДОГОВОРИ СО ГАЗДИТЕНе само што зградата нема фасада, туку не е избрано идејно решение за изгледот, ниту фирма изведувач. (Фото: СДК.МК)

    Фасадата на зградата на „Пелагонија“ во центарот на Скопје шест години стои соголена, без фасада. Откако градоначалникот Петре Шилегов по доаѓањето на функција го стопираше реновирањето во барок на зградата, работи не се мрднати од место.

    „Раката да ми се исуши ако го потпишам договорот за фасадата на ‘Пелагонија’ од 1,3 милиони евра“, рече Шилегов во ноември 2017 и не го потпиша договорот за зградата.

    Оттогаш поминаа скоро четири години и не само што зградата нема фасада туку не е избрано идејно решение за изгледот, ниту фирма изведувач бидејќи Шилегов не може да се договори со газдите на објектот.

    „Повеќе од една година вршиме преписка со сопственикот на објектот бидејќи согласно договорот што го има постигнато со Градот, треба да предложи член на комисијата која ќе распише конкурс за идејно решение. Повеќе од една година дена чекаме и немаме одговор од нив. Не можам да разберам зошто“, вели Шилегов и додава дека подобро е зградата да стои таква отколку да потрошеле 1,3 милиони евра.

    Рефасадирањето на зградата на „Пелагонија“ почна во 2015, кога ексградоначалникот Коце Трајановски склучи договор со конзорциумот „Билдинг солушн“ и „Масон инженеринг“, кои за доградба на зградата во делот околу влезот и за преслекување во барок од Град Скопје требаше да добијат 1,9 милиони евра. Тие требаше да ги завршат градежните работи во рок од една година. Но бидејќи тоа не го сторија, Град Скопје во јуни 2017 го раскина договорот и распиша нов тендер за избор на изведувач, кој потоа Шилегов не го потпиша.

    А. АНТЕВСКА

     

     

     

     

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира