„ПЕЛИСТЕР“ ТРИ МЕСЕЦИ ЌЕ КОПА ЈАГЛЕН ЗА РЕК БИТОЛА ПО ЦЕНА ОД 87,8 ДЕНАРИ ОД ГИГАЏУЛ, ВЕЛАТ ОД ЕЛЕМ

    „ПЕЛИСТЕР“ ТРИ МЕСЕЦИ ЌЕ КОПА ЈАГЛЕН ЗА РЕК БИТОЛА ПО ЦЕНА ОД 87,8 ДЕНАРИ ОД ГИГАЏУЛ, ВЕЛАТ ОД ЕЛЕМЗа набавка на сопствена механизација за ископ на руда АД ЕЛЕМ ќе потроши 64 милиони евра, од кои во првата фаза 24 милиони евра. (Фото: СДК.МК)

    РЕК Битола склучила договор со фирмата Пелистер за привремен ископ и транспорт на јаглен по цена од 87,80 денари по гигаџул. АД Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) соопшти дека откако фирмата Трансмет, која го доби последниот тендер за ископ на јаглен, се откажа од договорот, РЕК Битола распиша нов тендер за избор на фирма за ископ и транспорт на јаглен и јаловина.

    „За да се покрие периодот од три месеци до избор на нова фирма, склучен е привремен договор за ископ согласно Законот за јавните набавки, кој предвиува услови од крајна итност, за да може да продолжи производството на електрична енергија во РЕК Битола. Истиот ден кога Трансмет нѐ извести дека се повлекува од договорот, во РЕК Битола, беа повикани да дадат свои понуди фирмите: Рудкоп од Битола, Пелистер од Битола, Машинокоп од Кавадарци, Илинден од Струга и Топлина од Охрид. Првичната цена која РЕК Битола ја доби беше 100 денари за гигаџул, а последната понудена цена, на која и беше склучен договорот со фирмата Пелистер беше 87,80 денари за гигаџул“, вели АД ЕЛЕМ.

    Договорот со Пелистер за ископ на јаглен ќе важи три месеци, кога се очекува да заврши тендерот за избор на фирма.

    „Во завршна фаза е тендерската документација за купување сопствена механизација за ископ на јаглен, со што АД ЕЛЕМ ќе го елиминира или ќе го сведе на минимум ангажирањето на надворешни фирми, односно при производството на електрична енергија сакаме да се потпираме на свои ресурси, место за тоа да се исплатуваат приватни фирми“, велат од АД ЕЛЕМ.

    Со физибилити студија за развој и инвестици во РЕК Битола, за целосна набавка на сопствена опрема на АД ЕЛЕМ му се потребни 64,5 милиони евра, а во првата фаза од набавката ќе потрошат 24 милиони евра. Тендерот за првата фаза од набавката според Електрани на Македонија треба да се распише до крајот на овој месец.

    „Тендерот за купување механизација кој претходното раководство на АД ЕЛЕМ го распиша пред неговото разрешување, беше запрен по налог на владата, поради потреба од повторна проценка на потребите кои беа наведени во документацијата за тоа што е планирано да се купи и во која количина, како и условите според кои понудувачите можат да учествуваат на тендерот. Со новата проценка ќе се даде можност да учествуваат што повеќе фирми и да има поголема конкуренција на тендерот, односно да се елиминираат можностите за фаворизирање одредени понудувачи“, велат од АД ЕЛЕМ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира