ПЕНДИКОВ МОЖЕЛ УСПЕШНО ДА СЕ ЛЕКУВА КАЈ НАС, А НЕ ДА ОДИ ВО БУГАРИЈА, РЕЧЕ ЕКСПЕРТ ПО СУДСКА МЕДИЦИНА И КРИМИНАЛИСТИКА ВО ОХРИДСКИОТ СУД

    ПЕНДИКОВ МОЖЕЛ УСПЕШНО ДА СЕ ЛЕКУВА КАЈ НАС, А НЕ ДА ОДИ ВО БУГАРИЈА, РЕЧЕ ЕКСПЕРТ ПО СУДСКА МЕДИЦИНА И КРИМИНАЛИСТИКА ВО ОХРИДСКИОТ СУДМинистерот за надворешни работи Бујар Османи го посети Пендиков во болница во Софија. (Фото: МНР)

    Согласно типот на повредите Христијан Пендиков, можел целосно и успешно да се лекува и во нашите здравствени установи, а не да бара медицинска помош во Бугарија, како што и направи, кажа Зоран Котевски, експерт по судска медицина и криминалистика од ЈЗУ Клиничка болница „Трифун Пановски“ од Битола на денешното рочиште во охридскиот суд за случајот со нападот врз секретарот на поранешниот бугарски културен клуб во Охрид.

    Котевски рече дека кај оштетениот се регистрирани три тешки повреди нанесени со гола рака, додека сите останати се водат како телесни повреди. Тој потврди дека настанатите телесни повреди кај оштетениот успешно можат да се лекуваат и истите нема да остават трајни последици по неговото здравје.

    Судијата Бојан Мартиноски ги сослуша и исказите на сведоците на одбраната, пријатели на првообвинетиот Илија Спасески од Охрид и познаници на второобвинетиот Борче Ангелов од Битола. Се читаа и писмените докази на обвинителството, записници, пријави, полицискиот извештај од увидот спроведен на местото на настанот, како и лекарска документација.

    Следното судско рочиште е закажано на 10 септември.

    Нападот на Христијан Пендиков, секретар на тогашниот бугарски клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, се случи на 19 јануари пред кафуле во центарот на градот. Тој потоа со авион испратен од бугарската влада беше пренесен на лекување во Софија.

    С. ВРЕНЦОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира