ПЕНДИКОВ ВО СУДНИЦАТА ЗБОРУВАШЕ НА МАКЕДОНСКИ СО ШТО ГО ПРИЗНА ПОСТОЕЊЕТО НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК, КАЖА БРАНИТЕЛОТ НА ОБВИНЕТИОТ СПАСЕСКИ

    ПЕНДИКОВ ВО СУДНИЦАТА ЗБОРУВАШЕ НА МАКЕДОНСКИ СО ШТО ГО ПРИЗНА ПОСТОЕЊЕТО НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК, КАЖА БРАНИТЕЛОТ НА ОБВИНЕТИОТ СПАСЕСКИПендиков во својство на сведок кажа дека бил нападнат, физички повреден, а причината за нападот била омраза од политички побуди поради неговото изјаснување како македонски Бугарин. (Фото: СДК.МК)

    Денеска во Охрид одново започна судската постапка против охриѓанецот Илија Спасески, обвинет за тепањето на сограѓанинот Христијан Пендиков кој се смета за Бугарин и кој по инцидентот доби бугарско државјанство. Со исказ даден на македонски јазик, во судницата оштетениот Пендиков во својство на сведок кажа дека бил нападнат, физички повреден, а причината за нападот била омраза од политички побуди поради неговото изјаснување како македонски Бугарин.

    Бранителот на обвинетиот Спасески, Димитрија Цобоски, кажа дека мотивот за случајот кој предизвика тензии во односите меѓу Софија и Скопје не е поради национално чувство. Рече дека станува збор за други мотиви, а кои во текот на доказната постапка со приложување на докази ќе бидат расветлени.

    „Конечно го сослушавме оштетениот и мило ми е што тој на непосреден начин го призна постоењето на македонскиот јазик, видовте дека зборуваше на македонски јазик, сфативте дека во целата работа многу е замешана политиката оти со претседателски авион на Република Бугарија некој да се земе од една држава и да се носи во друга држава досега е незабележано. Според мене, мотивот е сосема друг, а не припадност на некоја нација, признавање на некој статус на народи и слично“, изјави Цобоски.

    Според адвокатот на Пендиков, Стефан Камишевски, тврдењата дека има други мотиви за тепањето не се поткрепени со ниту еден доказ, а истите се ирелевантни за кривично-правниот настан во кој Пендиков добил со повреди.

    Судскиот процес за нападот на Пендиков, секретар на бугарскиот клуб„Цар Борис Трети“ во Охрид, што се случи на 19 јануари пред кафуле во центарот на градот, досега трипати се одлагаше, еднаш оти адвокатите на обвинетиот Спасески го напуштија судењето и немаше услови за негово одржување, вторпат поради здравствени причини на обвинетиот, а последниот пат поради штрајк на судската администрација за повисоки плати.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира