ПЕНЗИОНЕРИ СО ШТРАФЦИГЕР ГИ КРАДАТ ПОЛНАЧИТЕ ЗА ТЕЛЕФОНИ ОД НОВИТЕ АВТОБУСИ НА ЈСП „СКОПЈЕ“

    ПЕНЗИОНЕРИ СО ШТРАФЦИГЕР ГИ КРАДАТ ПОЛНАЧИТЕ ЗА ТЕЛЕФОНИ ОД НОВИТЕ АВТОБУСИ НА ЈСП „СКОПЈЕ“Досега од контролори во цивилка биле фатени четворица граѓани како се обидуваат да ги украдат полначите и случаите се пријавени во полиција. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Граѓани опремени со штрафцигери се обидуваат да ги украдат полначите за телефони кои ги има во новите автобуси на гас на ЈСП „Скопје“. Откако 33 автобуси беа пуштени во сообраќај секојдневно во нив има контроли во цивилка кои проверуваат дали патниците ги уништуваат возилата. Досега биле фатени четворица граѓани како се обидуваат да ги украдат полначите.

    „Еден од патниците кој го фативме како со штрафцигер сака да ги извади полначите кои се вградени во држачите, беше 72-годишен пензионер. Во сите четири случаи навремено интервенираа контролорите и не дозволија уништување на дополнителната опрема во автобусите. Случаите се пријавени во Министерството за внатрешни работи. Навистина не ни е јасно зошто ги вадат и крадат, кога тие потоа никако не можат да се користат“, велат од ЈСП „Скопје“.

    Низ градот веќе еден месец на линиите 2,5, 15, 24 и 57 возат 33 автобуси на гас од германскиот производител МАН. Од нив 21 е eдинечен со капацитет за 81 патник и 12 се зглобни за 149 патници.

    Новите автобуси се енергетски ефикасни, во согласност со последните технолошки трендови во оваа индустрија и ги задоволуваат стандардите за емисија на еуро 6. Овој тип на автобуси е прогласен за еко автобус за 2016 година во Европа, а во Германија ја поседува ознаката ‘Син ангел‘ бидејќи воопшто не го загадуваат воздухот.

    Еден еко автобус годишно ќе заштедува до 25.000 евра за гориво во споредба со потрошувачката на старите дизел автобуси, што дополнително ќе ги намали трошоците на ЈСП „Скопје“, а истовремено го намалува и загадувањето на животната средина преку издувни гасови.

    Набавката на новите еколошки автобуси чини 10 милиони евра, а парите се обезбедени преку кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Еден зглобен автобус чини 334.500 евра, а единечен 268.900 евра.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира